Иако над половина од популацијата се жени, само секој четврти пратеник во светот е жена

59

Приближно секој четврти член на Парламентот во светот е жена, се констатира во годишниот извештај на Интерпарламентарната унија, најстарата меѓународна парламентарна организација.

Во документот на 50 страници се наведува дека во текот на 2018 година се зголемило учеството на жените во националните парламенти. На глобален план, тоа изнесува 24,3 проценти лани во однос на 23,4 проценти во 2017 година. За споредба, учеството на жените во праламентарните состави во 2008 година изнесуваше 18,3 проценти и 11,3 отсто во 1995 година.

– Се уште сме далеку од родова еднаквост на светско ниво, изјави претседателката на Интерпарламентарната унија, мексиканската пратеничка Габриела Куевас Барон.

– Охрабрувачки е да се забележи дека мерките кои Интерпарламентарната унија ги препорачува многу долго, како што се воспоставување ефикасни и добро спроведени квоти за жените, почнуваат да даваат резултати, додаде таа.

Извештајот на Интерпарламентарната унија покажува дека изборните квоти за жените сега ги покриваат сите региони во светот, со повеќе од 130 земји што веќе ги прифаќаат ваквите системи. Сепак, извештајот покажува дека политиките за квоти не се подеднакво ефикасни во различни земји. „Во повеќето случаи, самиот факт за наметнување квоти, без да се обезбедат механизми за спроведување или санкции, не овозможи значителен напредок во застапеноста на жените во парламентот”, забележува Интерпарламентарната унија.

Во анализата на Унијата, исто така, се нагласува дека изборните системи влијаат врз застапеноста на жените. Кај пропорционалните или мешани системи, просечниот процент на женски пратеници е поголем (26,5 проценти) отколку кај мнозинсскиот изборен модел (20 проценти).