Годинашниот штипски „Макфест“ прилично доцни (требаше да се одржи околу празникот 11 Октомври), но, и покрај доцнењето, сепак ќе го има, наскоро, за малку во ноември. Поточно на самиот крај од октомври, последниот октомвриски викенд, на 25 и 26, како и секогаш, во Домот на културата „Ацо Шопов“. Деталната програма со песните и со пејачите на 39. издание на фестивалот сè уште се држи во тајност.
Меѓу новинарите протече веста дека ќе настапи популарниот Дарио, но останува тоа да ни го потврдат уметничкиот директор, музичарот Роберт Саздов, и продуцентот Јован Јованов (некогашен победник), кој сега живее во Канада и кој треба деновиве да допатува во Македонија. Да потсетиме дека првиот „Макфест“ се одржа во далечната 1986 година. Тогаш победи пејачката Хелена Благне со песната „Кога те нема“, на музика од Кире Костов и на текст на Васил Пујовски.
Минатата година, Владо Јаневски беше специјален гостин на „Макфест“, и на сцената во Штип ги испеа антологиските „Чаирска романтика“, „Еден бакнеж“, „Црно тиквешко“…
Фестивалот остави длабока трага во музиката не само кај нас туку и на целиот простор на поранешна Југославија. Песните испеани на македонски јазик како, на пример: „Ѕвона ѕвонат“, „Кој да ти каже, Ивана“, „Твоите очи, сине“, „Ангели ме носат“, „Бисеро моме“, „Свирете ја зајди, зајди“, „Виолина и гитара“, „Долга, зимска ноќ“, „Летај ми, летај“, „Дајте ги рацете“… уште се пеат на многу забави и родендени, а се испеани од пејачките ѕвезди: Љупка Димитровска, „Силви бенд“, Кемал Монтено, Киќо Слабинац, Слаѓана Милошевиќ, Иво Патиера, Марина Перазиќ, Маргарита Христова, Зорица Конџа, Ристо Бомбата, „Магија“, Андријана Јаневска, Тоше Проески, Ристо Самарџиев…
Традиционално, Македонската телевизија ќе го пренесува и годинашниот фестивал, па сите што нема да бидат во Штип, преку малите екрани ќе ги следат сите фестивалско-музички случувања. Обезбедени се и симболични награди – од публиката, од стручното жири, а и од новинарите, кои вообичаено ќе бидат масовно присутни во Штип. Пред сето тоа, се очекува и голема фестивалска пресс- конференција (во Скопје), за да се задржи традицијата и во тој поглед.
Д.М.