При објавувањето на најновите деловни резултати, Мета се пофали со зголемувањето на времето кое корисниците го поминуваат на своите социјални мрежи.
Пресметката за сите социјални мрежи е сосема јасна – колку е поголем бројот на корисници и колку подолго поминуваат скролајќи на нивните екрани, толку повеќе реклами ќе им се прикажуваат. А тоа, секако, значи и поголеми приходи и поголем профит, што сепак е главната цел на приватните компании.
Затоа технолошките компании со години бараат магична формула која ќе им овозможи на корисниците да го задржат своето внимание и поглед на екраните што е можно подолго, да гледаат што повеќе содржини и реклами. За да успеат во тоа, мора постојано да го менуваат и подобруваат алгоритмот, но и да внимаваат на типот на содржина што ќе им се прикажува.
На пример, негативната и насилна содржина може да привлече големо внимание кај корисниците, но таквата содржина може да има лоши последици за нив, особено за тинејџерите.
Мета изгледа успеа да најде начин дополнително да го задржи вниманието на корисниците на Facebook и Instagram, а тоа е алгоритам заснован на – вештачка интелигенција. Откако беше претставен, времето кое корисниците го поминуваат на овие социјални мрежи значително се зголеми, се пофали компанијата на Зукерберг минатата недела.
Од воведувањето на новиот алгоритам за вештачка интелигенција, времето кое корисниците го поминуваат на Facebook е зголемено за околу осум проценти, додека тој процент за Instagram е помал, но сепак значителен – шест проценти.
Мета ги спомна само процентите, а не зголемувањето на вистинското време што сега корисниците го поминуваат на тие мрежи. Според предвидувањата на експертите од eMarkter, тоа зголемување би можело да изнесува 10 до 15 часа повеќе во текот на една година, пренесува The Independent.
Зукерберг има повеќе планови во однос на неговата социјална мрежа и вештачката интелигенција, па минатата недела при објавувањето на кварталните резултати најави дека се надева дека ќе додаде сосема нов фид на Facebook и Instagram, односно категорија на содржини кои ќе бидат целосно генерирана преку вештачка интелигенција или тоа ќе биде некој вид резиме составено од вештачката интелигенција.
Според тоа, очекувањата за иднината се дека на крилата на вештачката интелигенција, корисниците ќе поминуваат повеќе време со мрежите на Зукерберг, што позитивно ќе влијае на прикажувањето на рекламите и приходите од реклами, но од друга страна, на трошоците за развој и користењето на вештачката интелигенција би можело значително да се зголеми.