Пазарџиите велат дека новиот закон направи хаос на пазарите, ги испразни тезгите и ги извади пазарџиите на улица. Револтот е уште поголем бидејќи за голем дел од нив тоа е основен извор на егзистенција, а сега и таа им е одземена. Тие велат дека не можат да опстанат со сегашните и најавените давачки и оти ќе ги затворат тезгите
Пазарџиите од Зелениот пазар и Бит-пазар во Скопје вчера излегоа на протест со барање целосно да се укине новиот Закон за пазари и да не се воведат лиценците. Тие велат дека ќе продолжат да протестираат се додека не се реализираат нивните барања, односно додека не се стопира донесувањето на овој закон со кој пензионерите, социјалците, стечајците и хонорарците, нема да можат да работат. Со новиот Закон за пазари секој закупец на тезга треба да плаќа годишна лиценца од 60 евра, а за секоја дополнителна плус 40 евра.
Пазарџиите велат дека не можат да опстанат со сегашните и најавените давачки и оти ќе ги затворат тезгите. Тие велат дека новиот закон направи хаос на пазарите, ги испразни тезгите и ги извади пазарџиите на улица. Револтот е уште поголем, бидејќи за голем дел од нив тоа е основен извор на егзистенција, а сега и таа им е одземена. Пазарџиите велат дека и сегашните давачки се големи, плаќаат за тезги, данок, паркинг, струја, магацин, а сега и лиценци и се прашуваат каде е крајот. Тие се очајни зашто државата сака да извади што е можно повеќе од една категорија луѓе кои се на работ на егзистенција.
– Не можеме да извадиме закупот да го платиме, ниту осигурувањето, ниту паушалот, за лиценца не станува збор. Јас со таа тезга издржувам пет души, а сега државата ме брка на улица и сака да ми ја земе основната заработувачка наместо да ни овозможи подобри услови за работа на пазарите, таа само ни наметнува некои давачки. Нека дојде некој да види како е да се работи на -20 и на +40 степени на отворено, вели еден продавач на тезга на Зелен пазар.
Даница Стојановска, која работи на Зелен пазар и продава марули, вели како јас да платам и тезга и данок и лиценца кога дневно заработувам само 500 денари.
– Јас 50 години работам на Зелен пазар и сега ако треба да платам и лиценца ќе мора да ја затворам тезгата бидејќи и сега едвај преживувам. Кажете ми вие како да платам 60 евра лиценца кога со 100 марули дневно по 5 денари мојата заработувачка е 500 денари. Од тие плаќам 150 денари за тезга, 100 денари за кеси, 100 денари за јадење и превоз, 50 денари за простор под тезгата каде што ги чувам марулите и за мене останува нешто ситно колку да не бидам на товар на другите, вели таа.
Шерафедин Зекири вели дека не ни помислува да плаќа лиценца и додава дека државата треба да биде среќна што не сме на нејзин товар и што сами си го заработуваме лебот. Тој додава дека сегашните давачки се превисоки и едвај опстојуваат. – Ние се бориме за опстанок и не штитиме интереси на ниедна политичка партија, вели Зекири.
Пензионерите кои продаваат на пазар се прашуваат како можат судии, лекари да работат и по пензионирање, а да се забранува пензионер со скромни примања да продава на пазар – Нека ми даде државата 300 евра пензија и јас нема да одам да мрзнам на пазар. Јас имам мизерна пензија од 150 евра која не ми е доволна да ги намирам месечните трошоци и затоа морам да работам на пазар, вели Зоран, сопственик на тезга кој редовно плаќа даноци и придонеси.
Пазарџиите велат дека секоја година имаат се помал број муштерии поради големите супермаркети, а сега со најавените давачки се доведува во прашање нивниот опстанок. Според нив, со воведувањето на лиценците ќе се уништи социјално ранливата категорија на граѓани кои најчесто продаваат на пазар.
– Бараме целосно укинување на законот, бидејќи работиме легално плаќаме тезга, даноци…Тезгата не чини 5.500 денари, за масичката пред тезга плаќам уште 1.500 денари, за магацин 2.000 денари и сега ако треба да плаќам и лиценца, тезгата ќе ме чини како да изнајмувам дуќан на најдобра локација, вели Бранка Ѓурчиновска и додава дека за данок за една тезга годишно плаќа 9.000 денари.
Според неа, на овој начин државата само ќе ја зголеми сивата економија, бидејќи сега со овие давачки ќе ги избркаат и сегашните сопственици на тезги и тие ќе излезат да продаваат надвор од пазарот. – Има многу тезги кои стојат празни, а сега со новиот закон нивниот број уште повеќе ќе се зголемува. Наместо државата да ги остави луѓето да работата таа со овие давачки што им ги наметнува само ги брка на улица. Умре тоа време кога се заработуваше на пазар, сега со работа на пазар само се преживува, вели таа.
Вчера протестираа и кумановските пазарџии кои исто така бараат да им се дозволи на пензионерите и на социјалните случаи да работат и да не се воведуваат лиценци. Нивната прогноза е дека во наредните пет години ќе нема човек кој ќе купува на пазарот, додавајќи дека со години наназад со нереални давачки, системски се уништуваат пазарите.
Бектеши: За укинување или одложено дејство на Законот за трговија на зелените пазари е надлежно Собранието
Состојбите со протестите на пазарџиите во Скопје околу примената на Законот за трговија на зелените пазари може да се разрешат со меѓусебни разговори, но и вклучување и на други институци во процесот, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој посочи дека за барањето околу одложувањето на примената на Законот или негово укинување како Министерство немаат надлежнот, туку тоа е надлежност на Собранието.
– Во моментот на усвојување на овој Закон во јануари минатата година единствена комора што тогаш работеше и што упати барање за издавање на лиценци за продажба на зелените пазари беше Комората на трговци на Македонија. Другите комори што сега упатуваат барања за и тие да учествуваат во издавањето вакви лиценци се формирани многу подоцна. Како Министерство сме обврзани да ги спроведуваме обврските што произлегуваат од овој Закон и единствена наша надлежност беше носењето на подзаконските акти и правилниците што и го направивме. За укинување или одложено дејство на Законот право има само Собранието на Република Македонија рече Бектеши.
Тој посочи дека се сретнал со дел од пазарџиите и организаторите на продажбата на зелените пазари и засега немаат добиено барање од нивна страна во нивниот опсег на работа како Министерство.
– Пензионерите не се косат со Законот за трговија на зелените пазари, туку тие немаат право да работат согласно законот за работни односи што предвидува дека тие како и вработените во согласност со работодавачот имаат право на работа, но не повеќе од 10 часа неделно. Јас сум побарал и средба со пратениците предлагачи на Законот за трговија на зелените пазари заедно да разговараме околу можните чекори за негова измена и надминување на состојбите, додаде Бектеши.(А.С.)