Зошто коронавирусот кај децата предизвикува благи симптоми

134

Познато  е дека коронавирусот кај децата најчесто предизвикува само благи симптоми, но досега не беше целосно јасно зошто е тоа така.

Новото истражување покажа дека имунолошкиот систем на детето е подобро подготвен за напад на коронавирусот отколку имунолошкиот систем на возрасно лице благодарение на клетките во горниот респираторен систем кои се постојано во состојба на висока подготвеност.

Затоа телото на детето брзо успева да го „отфрли“ вирусот во случај на инфекција, односно пред да се размножи масовно.

Ова веројатно објаснува зошто децата многу поретко заболуваат од ковид-19, отколку возрасните, напишаа научниците од Универзитетот во Берлин и Хајделберг во списанието Nature Biotechnology.

– Сакавме да откриеме зошто одбраната против вирусот очигледно работи многу подобро кај децата – рече Ирина Леман, раководител на Одделот за молекуларна биологија во Берлинскиот здравствен институт (БИХ).

Рецептори за препознавање

Во потрага по одговор, научниците зедоа клетки од носната слузница на 42 здрави и 44 болни возрасни и деца. Потоа, меѓу другото, тие ја анализираа активноста на одредени гени во одделни клетки.

За брзaта борба против вирусот, мора да бидат активни таканаречените рецептори за препознавање, кои иницираат одбрана на телото, објаснуваат тие.

И токму овој систем во клетките на горниот респираторен тракт и во некои клетки на имунолошкиот систем беше многу „буден“ кај децата, покажа анализата.

Кај возрасните, напротив, „системот за рано предупредување“ е фатен неподготвен, во тој случај вирусот се шири побрзо и поефикасно.

– Од оваа студија научивме дека не постојат само фактори на ризик за ковид, туку и фактори на заштита – рече Леман.

Авторите тврдат дека нивните наоди би можеле да го отворат патот за нови истражувања за тоа дали научниците можат превентивно да стимулираат заштитна реакција на коронавирус кај пациенти со висок ризик за да го доведат до нивото што го имаат децата изложени на вирусот.