Раскол и јавни препукувања во најголемите партии само неколку месеци пред парламентарните избори. Актуелни функционери веќе не кријат дека врие во партиите во македонскиот блок. И додека јавноста беше сведок на преписките помеѓу поранешниот и актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Христијан Мицкоски, деновиве, и пратеникот од владејачката СДСМ, Мартин Костовски, исто така преку социјалните мрежи, објави дека и на „Бихаќка“ не цветаат рози во меѓупартиските односи.
„Социјалдемократи другари и другарки или ќе се држиме сите заедно еден до друг или ќе потонеме сите еден покрај друг. Време е за помирување и обединување“, напиша Костовски на Фејсбук.
Костовски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Куманово на последните локални избори. Претходно ја извршуваше функцијата директор на „Службен весник“.
Фејсбук-статусот на пратеникот Костовски предизвика лавина коментари од незадоволното членство на СДСМ.
„Сега им текна дека сме разделени кога се ближат избори им треба обединување, а после изборите пак исто, доста не правевте будали“, порача разочаран член од СДСМ.
„Уживај брат уште малку во владините привилегии. Од в година во опозиција ќе има повеќе време да се држиме заедно еден до друг“, напиша граѓанин во коментар на објавата на Мартин Костовски.
Една граѓанка го запраша Мартин Костовски – „Вака и тендери коа делевте (не лично Вие) да зборувавте добро ќе беше! Сега ви текна дека треба да се држиме заедно еден до друг кога ви висат фотелјите“.
Во изминатиов период јавноста е сведок и на несогласувањата на експремиерот Никола Груевски и актуелното раководство во ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, не сакаше да го коментира јавувањето на екс-премиерот Никола Груевски во емисија во живо, во кое гостуваше и градоначалничката Данела Арсовска, ниту сакаше да каже поконкретно околу фамозното УСБ, кое го покажа потпретседателот на неговата партија, Александар Николоски.
-Сè што имав да кажам на таа тема – кажав. Немам што повеќе да додадам по тоа прашање. На сите им посакувам среќа, здравје и успех во тоа што го работат, кажа Мицкоски.
И претседателот на Собранието, Талат Џафери, деновиве негираше дека добил какви било материјали од Никола Груевски. Неговиот одговор следува откако раководството на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поранешниот премиер го напишал текстот на измените, па преку УСБ во плико ги испратил до Џафери, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и на уште една адреса, без да прецизираат која. Според Џафери, станува збор за шпекулација која служи за дефокусирање на јавноста од важните теми.
Фејсбук препукувањата меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ почнаа откако Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” истакна дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата и оти „за да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови“.
Мицкоски вели дека Владата планира да му вети кривична неказнивост на Груевски, кој побегна во Унгарија во 2018, за да поминат уставните измени во Парламентот.