Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вели дека мора да се истражи како губат број еден компании од САД и од Франција, за надзорот над коридорите 8 и 10, од компанија од Италија, која никој не ја познава. Предметот за овој случај е во Јавното обвинителство.
– За жал, претходната Влада на Зоран Заев, Димитар Ковачевски и на Артан Груби потпишала во договорот дека за да се декласифицира, треба да се согласат двете страни. Јас, само што станав министер за транспорт, побарав, но другата страна не дозволи да се декласифицира. Инаку, договорот е јавно познат, јас лично сум го извадив, бев единствен политичар во опозицијата што имаше храброст да го извади во јавноста, и тоа е тоа – вели Николоски во интервју за “Фокус“.
Според него, надзорот треба да е заштита на државата, но не е.
– Носител на надзорот е компанијата ИРД, која номинално е од Италија, но во Италија има нула евра обрт, односно не работи ништо во Италија, а најголем дел од обртот е во Македонија и во Молдавија. И, случајно, директор на таа компанија за Македонија е поранешен вработен во моето Министерство, што ќе се согласите дека, во најмала рака, е судир на интереси. Тоа е компанија што наплаќа 30 000 евра за месец за експерт, 25.000 за месец за експерт, за четворица експерти што го пишувале договорот и напишале лош договор за државата – наплатила по 250.000 евра за експерт итн. И, исто така, интересно е, овој предмет е во Обвинителството и се истражува, како тоа победи компанија од Италија што не работи ништо во Италија, а не победи американската компанија „Хил“, која е број еден за надзор во САД, или француската компанија „Ежис“, која е број еден за надзор во Франција? Тие три понуди беа вкупно и внимавајте, француската компанија имала за 6 милиони евра поевтина понуда – кажа Николоски.
За тоа дали има сомнежи дека компанијата е параван зад кој стои капитал од друга, трета земја, Николоски рече:
– Тоа треба да го провери Обвинителството, но јас,како претставник на државата, не сум задоволен што надзорот работи за нас. Еве, ќе отворам уште една работа. Истата оваа ИРД има добиено, преку Светска банка, средства за изградба на т.н. мултимодуларен комплекс кај Трубарево, каде што се спојуваат двете железници на коридорите 8 и 10. Само за да изработат физибилити студија и идејно решение како да изгледа тоа во иднина, а се сведува на предлог да се потпише јавно-приватно парнерство, што во Македонија е автопат за злоупотреба на службената положба и овластување, добиваат некаде 800 000 евра. Ова се бројни прашања околу оваа компанија, кои сметам дека треба да се отворат во јавноста – потенцира Николоски.