Одењето во кревет и будењето во исто време секој ден е поважно од тоа колку долго спиете, покажа неодамна објавеното истражување на австралиски, американски и британски истражувачи во списанието „Sleep“. Со други зборови, ако спиете шест часа секоја вечер, но во редовен ритам, изложени сте на помал ризик од рана смрт отколку ако спиете осум часа, додека одите во кревет во различно време секоја вечер.
Студијата опфати 60.977 испитаници од британски „Биобанк“, голема биомедицинска база на податоци која содржи детални генетски и здравствени информации за повеќе од половина милион луѓе. Просечната возраст на испитаниците била нешто под 63 години. Истражувачите откриле дека поголемата регуларност кога станува збор за спиење е поврзана со 20 до 48 отсто помал ризик од смртност без оглед на причината. Исто така, редовниот сон е поврзан со 16 до 39 отсто помал ризик од смрт од рак, како и 22 до 57 отсто помал ризик од кардиометаболна смрт, која вклучува кардиоваскуларни болести, дијабетес и компликации поврзани со дебелината.