„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете… книга што никого нема да остави рамнодушен. Со овие зборови вчеравечер во преполниот Младинскиот културен центар – Скопје беше претставен новиот и досега најсложен роман на популарниот автор Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“. Ова е петта негова книга во издание на „Арс Ламина“, по хит-книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и  „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“.  Во своето обраќање Ѕоф истакна дека Сирма е всушност симбол за Македонија, а „И јас сум Сирма“ е приказна за Македонија.

– Сирма напати ме потсетува на некого: на мајка ти, баба ти, на мајка ми… но најмногу од сè ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, со секој збор, со секоја реченица. Не ја познавам лично, но имам чувство дека цело време е тука некаде, на дофат… Книгата има многу слоеви. Има многу пораки меѓу редови и многу ликови. Една од ретките книги каде што на едно место ги има Страшо Пинџур, Нострадамус, Невена Георгиева-Дуња, Данте Алигери, Ибе Паликуќа и други… и се сместени на местото каде што припаѓаат. Еден од рецензентите на книгата ме праша како успеав една долга историја од 3000 страни, да ја спакувам во 200 страници… Но, книгата е проследена и со веб-сајт ijassumsirma.mk каде што се објавени рецензиите и сите материјали поврзани со книгата, а има и проверка на фактите во книгата. Факти што не му се познати на Македонецот. Ќе се зачудат читателите како јас некои луѓе, кои се антихерои, ги носам на пиедестал, како големи Македонци, а имам и некои „величини“ кои малку ги имам намалено… Во книгата ве чекаат многу изненадувања –пријатни и непријатни, ако не се расплачеш, не си човек,  и ако не се намееш –пак не си човек… така ја пишував, со смеа и солзи – рече Ѕоф.

Одамна имал желба да напише книга за Сирма Војвода, која ја смета за олицетворение на непокор, рамо до рамо со Роза Луксембург, Клара Цеткин, или Милунка Савиќ. Според него Сирма е трагичен лик, со трагична судбина, како што е трагична судбината на Македонија.

Уредничката на книгата Татјана Димовска-Атанасова истакна дека станува збор за своевиден книжевен експеримент, што може да се перципира како хибрид, фрагментарен роман или пак, како збирка раскази што може да се читаат засебно и без одреден редослед. Жанровски е ситуиран како историска фикција со примеси на драма, политички трилер, сатира, магичен реализам и дистопија.

– Романот е импресивна вивисекција на македонскиот дух прикажана преку внатрешна и надворешна фокализација на главната хероина Сирма, која авторот ја издига на ниво на митолошка парадигма – синоним за сила, истрајност, храброст, бескомпромисност, но пред сè синоним за Македонија – рече Димовска-Атанасова.

Промоторката на книгата Татјана Алексиќ рече дека „сите ние, помалку или повеќе, сме Сирми“.

Како што беше случајот со претходните книги, така и со новата – заработката од продажбата на „И јас сум Сирма“, Ѕоф ќе ја донира во хумани цели. Вчера на Детската клиника во Скопје беше отворена библиотеката „Соба на бајките“ – донација на Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“.