Зоран Периќ, кој е роден во Гевгелија, а живее во Богданци и кој наместо да седи дома и да жали за својата судбина, работи како фризер и е член на велосипедискиот клуб „Гевгелиски точак клуб“. Разговорот за весникот ВЕЧЕР го направивме со помош на неговата сестра, Радмила, и со модерното средство за комуникација – компјутерот. Таа во Битола, Зоран во Богданци, а јас во Гевгелија. Зоран не е роден со оштетен слух. Го загубил слухот на своја деветмесечна возраст поради висока температура и воспаление на ушите. За себе вели дека е среќен човек и дека планинарскиот велосипедизам е спој на двете негови најголеми пасии
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Меѓу нас живеат многу луѓе со различен степен на оштетување на слухот, што не го ни забележуваме. Ова го сфаќаме дури кога ќе започнеме разговор со нив и ќе слушнеме дека имаат тивок глас, кој тешко се разбира.
На луѓето што слушаат им е тешко да разберат како е да се биде глув или наглув. Тие мислат дека глувите лица живеат во свет на тишина, дека не слушаат музика, говор и други звуци околу себе, што ги наведува да се решат да живеат сами, зад затворени врати. Сепак, не е така. Многу глуви луѓе не го доживуваат губењето на слухот како мана или дефект.
Еден од таквите е и нашиот соговорник Зоран Периќ, кој е роден во Гевгелија, а живее во Богданци и кој наместо да седи дома и да жали за својата судбина, работи како фризер и е член на велосипедискиот клуб „Гевгелиски точак клуб“.
Разговорот за весникот ВЕЧЕР го направивме со помош на неговата сестра, Радмила, и со модерното средство за комуникација – компјутерот. Таа во Битола, Зоран во Богданци, а јас во Гевгелија. За Радмила, исто така лице со оштетен слух, ќе чуете интересна сторија од самиот Зоран, во текот на нашиот разговор.
Инаку, Зоран е роден на 4 март 1985 година и не е роден со оштетен слух. Го загубил слухот на своја деветмесечна возраст поради висока температура и воспаление на ушите.
Најнапред го прашавме каде го завршил своето образование и дали, како дете и ученик, имал некакви недоразбирања со своите врсници поради тоа што има оштетен слух.
– Посетував редовна настава во Богданци, каде што живеам и денес, а потоа завршив и курс за фризери. Како што напоменавте, слухот го загубив како навистина мало дете. Јас и не знам како е поинаку, како е кога си опкружен со сите можни звуци на природата. Имаше недоразбирања во текот на детството, не велам не, но знаете како, со текот на времето, јас и луѓето околу мене едноставно научивме да комуницираме на некој „наш јазик“.
Како и кога го научи знаковниот јазик и кој најмногу ти помагаше во тоа?
– Знаковниот јазик почнав да го учам малку повозрасен, благодарение на мојата помала сестра, Радмила, затоа што никој друг од мојата околина не го користеше тој јазик. Таа го започна своето средно образование во државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски” во Скопје, што е средно стручно училиште за образование на учениците со оштетен слух. Покрај тоа што започна таму да го учи знаковниот јазик, ѝ се отворија и многу нови погледи, содржини, знаења. И така, сè што ќе научеше во текот на една недела, несебично ми го пренесуваше за време на викендите, кога ќе си дојдеше дома. Потоа почнавме интензивно да се дружиме со други лица што се со оштетен слух, со кои и ден-денес сме во постојана комуникација, се дружиме, планинариме, патуваме, итн.
Зошто се реши да го изучуваш токму фризерскиот занает и од кога имаш своја фризерница?
– Желбата за фризерски салон потекнува од времето кога бев мал. Се сеќавам, секогаш ги потстрижував куклите на сестра ми, секогаш ѝ беа тип-топ средени (ха, ха, ха). Морам да признаам дека мајка ми е најголемиот иницијатор да го започнам курсот. Постојано ме мотивираше со тоа што ми велеше дека сум многу талентиран за тоа. Таа гледаше на тоа како на дарба. По три години курс, во 2004 година, отворив сопствен фризерски салон. Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на моите редовни клиенти затоа што, и покрај пречките во коминикацијата, ме поддржуваат, заедно растеме и заедно сме сè подобри и подобри.
Како дојде на идеја да се занимаваш со велосипедизам и тоа со оној екстремниот?
– Почнав многу спонтано, а истовремено и многу амбициозно со велосипедизмот. Иако немав многу искуство, тотално сам решив да возам и да правам тури. Многу брзо велосипедизмот ми стана стил на живеење, тоа е некое посебно чувство, постојано чувство за нови предизвици, чувство на исполнетост, на среќа. Да не ги изоставиме и многубројните здравствени придобивки од возењето велосипед. А, зашто оној екстремниот? Уште пред да започнам да возам велосипед, планинарев, имам искачено многу врвови низ Европа. Планинарскиот велосипедизам е спој од двете мои најголеми пасии.
Ти си меѓу првите членови на „Гевгелија точак клуб“. Колку си задоволен од тоа како се развива овој клуб и како си прифатен од другите членови?
– Така е. За клубот дознав од мој пријател и сум презадоволен од дружбата. Минуваме интересни велосипедски авантури заедно. Испраќаме и порака за поголема употреба на велосипедите како превозно средство, бидејќи значително придонесуваат за заштита на животната средина и за здравјето на сите граѓани. За ,,Гевгелија точак клуб” нескромно ќе кажам дека ќе го издигне македонскиот велопедизам на едно ново, повисоко ниво.
Гледајќи твои фотографии од различни врвови, кажи ни каде досега и на кои врвови се имаш искачено со велосипедот.
– Имам искачено доста врвови во Македонија, меѓу кои ќе ги издвојам: Зелен Брег на Кожув (2 172 м), Две Уши на Кожув (1 766 м), Тумба (1 838 м) на планината Беласица, Љуботен/Маја (2 498 м), Крстовар на планината Водно (1 066 м), Пелистер на Баба Планина (2 601 м), Кајмакчалан на планината Ниџе (2 524 м), Маврово (1 716 м) и уште многу други.
Што размислуваш кога возиш, онака сам на таа височина, кога само очите ти се помагало?
– Искрено, кога тргнувам и искачувам планини, не мислам апсолутно на ништо. Едноставно се соживувам со природата и уживам во неа. Е, враќањето е секогаш поинакво, тогаш се чувствувам исполнето, среќно, размислувам за работи што ме прават среќен. Често размислувам и за мојот татко, кој прерано нè напушти, кога имав само девет години. Сите емоции излегуваат од мене во тие моменти.
Се вели, луѓето што се занимаваат со спорт се посреќни, посамоуверени и може да постигнат повеќе во општеството. Дали Зоран е среќен човек?
– Апсолутно сте во право. Сметам дека групните спортови имаат голем позитивен ефект врз менталното и физичкото здравје, затоа што, покрај здравствените придобивки, доаѓа и до социјализација. Со гордост може да ви кажам дека сум среќен човек.
Имаш сестра, Радмила, за која пишувавме пред извесно време и која го отвори со својот партнер првото кафуле во Скопје каде што комуницирањето со гостите беше со знаковен јазик. Сигурно си среќен и за неа и нејзиното постигнување.
– Бескрајно сум среќен за мојата сестра Радмила и за нејзиниот партнер Мартин. Интересна е нивната приказна. Мартин е од Битола, а Радмила од Богданци. Се запознаа додека учеа во државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски”. При еден свој престој во странство, виделе дека многу глуви лица отвораат свои бизниси, бутици, ресторани, винарници. Кога се вратија, рамислуваа што да прават, дали да бараат работа или да почнат свој бизнис. Добија информација за кампањата на Министерството за труд и социјала и решија да се обидат да отворат нешто свое. Се решија за кафетерија.
Во Скопје го отворија првото знаковно кафуле, кафулето „02“. Тоа е предлог на некој Македонец кој живее во Белград и кој образложил дека „02“ е повикувачкиот број за Скопје, дека нивното кафуле е мост меѓу два света, со нула звук и две раце.
По извесно време, се преселија во Битола и им посакувам уште поголем успех со кафе-барот „Улаф сте“, кој се наоѓа во Старата чаршија во Битола. Како лица со оштетен слух, постојано ги покажуваат своите гостопримливост и отвореност кон гостите, комуницирајќи на знаковен јазик. А, ако сака, преку буквите на знаковниот јазик поставени во кафетеријата, гостинот може барем да се обиде да си го каже своето име и да се запознае со сопствениците, сестра ми Радмила и нејзиниот партнер Мартин.
На крајот, имаш ли некоја порака за луѓето со каква било попреченост, дали да останат дома и да тагуваат или да го прифатат предизвикот наречен живот?
– Сметам дека во нашето општество полека ги надминуваме стигмата и дискриминацијата за луѓето со попреченост, гледаме многубројни примери на социјалните мрежи за тоа. Мојата порака е да ги следат успешните приказни на самовработување и на започнати бизниси на лицата со попреченост околу нив, и да веруваат во себе.
Тука го завршивме „разговорот“ со Зоран, пример на лице со попреченост, млад човек кој инспирира, вистински херој од светот на тишината, секогаш отворен за промени и кој не се повлекува пред животните предизвици.
Никогаш не се прашувал зошто го осудила болеста да престане да слуша. Тој не е човек што се жали. Верува дека Бог зема со едната рака, но дава со другата рака. Му дала талент, меморија, сила, ентузијазам и имагинација.