Бомбардерот на каталонскиот гигант Барселона и капитен на полската репрезентација, Роберт Левандовски, го привлече вниманието на фудбалската јавност со изјавата дека најважната индивидуална награда, „Златната топка“ на Франс Фудбал, идната година ќе му биде доделена на најголемата ѕвезда во дресот на ПСЖ, Лионел Меси.
Меси со репрезентацијата на Аргентина триумфираше на Светското првенство во Катар и го освои единствениот голем трофеј што му недостасуваше во кариерата.
- Мене веќе ми е јасно кој ќе го добие најголемото индивидуално признание. Точно е дека постои уште еден играч од истиот клуб, како конкурент за наградата, но само еден од нив го освои Мундијалот, а тоа е Лео Меси. Тоа ќе биде решавачки фактор, а Меси го постигна тоа што му е најважно и сега може да ужива во тоа, изјави Левандовски.
„Златната топка“ за минатата сезона ја освои напаѓачот на Реал (М), Французинот Карим Бензема, кој поради повреда го пропушти Мундијалот во Катар.