Жителите на населбата Хиподром 2 сметаат дека да шетаат змии на Водно е нормално, бидејќи планината им е природно живеалиште, но не и во нивната населба, за која луѓето уредно си платиле комуналии. Се плашат дека низ високата трева се размножиле цели фамилии змии. Ирена Куноска-Михајлова среде улица забележала кошулка од змија, која била отфрлена при преслекувањето. Елена Костовска, пак, вели дека во Хиподром врие од смокови. – Ни падна смок од дрво до количката на бебето!, вели таа. Тие се преплашени и апелираат – од Општината Гази Баба да преземат соодветни мерки. Сличен проблем со влекачи има и во други скопски населби
Топлото време и неискосената вегетација ги раздвижија влекачите, кои сè повеќе се појавуваат во населбата Хиподром 2, Општина Гази Баба, за која е планирано да прерасне во елитно место за живеење. Плацевите за градење се речиси распродадени и сè повеќе се градат куќи, но, како што се жалат жителите од оваа населба, Општина Гази Баба не го следи развојот.
Иако уредно си платиле за комуналии, улиците и тротоарите не им се асфалтирани, слободните зелени површини се обраснати со висока трева и со џбунови, кои никој не ги коси и низ нив се шетаат змии, кои влегуваат и по дворовите.
– Косачите искосија половина метар од тревата, но џбуновите останаа. Змии ќе нè изедат! – вели Горка Михајлова.
Ирена Куноска-Михајлова среде улица забележала кошулка од змија, која била отфрлена при преслекувањето. Познато е дека змиите растат цел живот, но нивната кожа не расте паралелно со телото, затоа ја менуваат. Помладите змии ја менуваат кожата на секои четири недели, постарите – на секои шест недели или поретко.
Елена Костовска, пак, вели дека во Хиподром врие од смокови. – Ни падна смок од дрво до количката на бебето! – вели таа.
Сметаат дека да шетаат змии на Водно е нормално, бидејќи планината им е природно живеалиште, но не и во населба за која луѓето уредно си платиле комуналии. Се плашат дека низ високата трева се размножиле цели фамилии змии.
Тие се преплашени и апелираат Општината да преземе соодветни мерки. Сличен проблем со влекачи има и во други скопски населби.
Хиподром 2 почна да се гради во 2012 година, кога беа склучени првите договори со купувачите на парцели. Иако оттогаш се поминати десет години, и при најмал дожд, улиците се претвораат во непроодни селски патчиња, земјиштето е неуредено, тревата е неискосена и демне опасност од неа.
– Би сакала да го прашам градоначалникот уште колку години ќе чекаме приклучок на фекалната канализација во Хиподром 2, во приватните куќи и кога ќе ги асфалтираат барем главните улици – прашува Вера Јаворац.
Урбанистичката документација за овој дел од Скопје предвидува изградба на 300 нови куќи за индивидуално домување и 12 станбени згради за колективно домување. Предвидено е во населбата да се изградат и основно училиште, градинка, амбуланта и спортски објекти.
(С.Бл.)