Злосторство во рајот: Син на шпански актер обвинет за тешко убиство во Тајланд

83

Даниел Санчо Бронхал, син на шпанскиот актер Родолфо Санчо Агире, е приведен во Тајланд во врска со смртта и распарчувањето на телото на Колумбиец на туристичкиот остров Кох Фанган, вчера соопшти тајландската полиција.

Даниел Санчо Бронхал се појави на суд бидејќи полицијата побарала да му биде продолжен притворот додека трае истражниот процес, потврдил за Ројтерс, генерал-мајорот на тајландската полиција Сарања Чамнанрат.

Во неделата, Санчо посетил седум локации со полицијата, вклучително и плажа каде, според обвинението, фрлил пластични кеси со делови од телото на маж кој подоцна полицијата го идентификуваше како колумбискиот хирург Едвин Ариета Артегуа (44).

Санчо (29) се товари за убиство со умисла, криење и отстранување делови од телото за да се прикрие убиството и причината за смртта на жртвата, јавува Танјуг.