Злогласната „крипто-кралица од Балканот сепак не е убиена, туку се крие во најелитниот кварт во Јужна Африка

1393
Ружа (Руја) Игнатова, која ја доби титулата „крипто кралица“ и е на листата на најбарани на ФБИ од 2022 година, е во Кејп Таун, пишува Тајмс. Игнатова е родена во Бугарија, има германско државјанство и дипломирала на Оксфорд. Таа е обвинета за измама на инвеститори од повеќе од 4 милијарди долари со продажба на лажна криптовалута наречена OneCoin, основана во Софија во 2014 година.

Откако исчезна во октомври 2017 година, се појавија гласини дека Игнатова била убиена и распарчена од поранешни соработници од бугарското подземје.

Германските инспектори сега велат дека веруваат дека таа можеби се крие во една од најексклузивните населби во Јужна Африка.

„Работиме на претпоставката дека Ружа Игнатова е сè уште жива“, рече Сабине Десел од Државната канцеларија за криминални истраги на Северна Рајна-Вестфалија, во новиот документарен филм за големата измама на „крипто кралицата“.

Инаку, нејзините соучесници, вклучувајќи го и Себастијан Гринвуд, британскиот ко-основач на OneCoin, се осудени или се изјаснија за виновни и добија долги затворски казни. Во меѓувреме, ликот и делото на измамничката Игнатова инспирираа книги, подкасти и филмови.

ФБИ неодамна ја зголеми наградата за нејзиното апсење на 5 милиони долари, објавувајќи дека Игнатова можеби била подложена на естетска операција за да го промени нејзиниот изглед.

Во месеците откако последен пат беше видена како се качува на евтин лет од Бугарија за Атина, нејзиниот брат Константин, кој ја презеде нејзината работа, минуваше подолги периоди во Кејптаун, што доведе до шпекулации дека таму примал инструкции од неговата сестра, пишува Тајмс.

Братот на Ружа дури на Инстаграм сподели фотографии направени во Јужна Африка. Во меѓувреме, тој одлежа три години во американски затвор откако соработуваше со истрагата на ФБИ. Тој им кажа на инспекторите дека неговата сестра побегнала со 500 милиони фунти од инвеститорите – доволно за да плати за лажни идентитети и пластична хирургија. Оттогаш има извештаи дека Игнатова е видена во високобезбедносен кварт надвор од Кејптаун.

Документите откриени во неодамнешниот документарец на БиБиСи велат дека наводниот шеф на подземјето по име Кристофорос Никос Аманатидис, попознат како Таки, и помогнал на Игнатова да избега откако ја искористил финансиската мрежа OneCoin за перење приходи од трговија со дрога.

Иако Аманатидис никогаш не бил осуден за никакво кривично дело, многумина се сомневаат дека е шеф на бугарскиот организиран криминал и трговец со дрога.