Водно е планина во Македонија која се наоѓа на јужната страна од градот Скопје. Е тоа Водно го имам пропешачено, истрчано, поминато со кола, со велосипед, дури и со електричен тротинет не знам колку пати.  И тоа во сите правци и „низводно“ и „узводно“ и секако. Обично со мене носев вокмен или ајпод, или телефон со слушалки ставени на глава. Едно е чувството да го слушаш само дождот, птиците, бумбарите или пчелите, а друго е кога сето тоа  е надополнето со музика. Човек ќе рече каква и да е музика одговара на шетање низ Водно.

Можеби, но едно знам дека има една посебна песма која ја слушам додека крстосувам низ неа. Посебно некаде средина на есента, кога се е отскриено, нема лисја на дрвата, нема грмушки да ги покријат тајните на планината. Знаете, тоа е навистина единствено чувство, кога поминуваш покрај дрвореди надвиснати од двете страни  на асфалтираниот пат (од Пантелејмон па сè до Црквата), кога темните облаци можеш со рака да ги фатиш, кога дождот само што престанал,  создавајќи мали маглина од испарувања на водата од дупките на патот, како права магија, кога чекаш да излезе некое митско суштество пред тебе, кога нема никој, кога си само ти сам, последниот авантурист придружуван само со “Зијан”и нивната магична песма „НизВодно”. Чекориш, слушаш и трепериш. Не велам дека и други песни не одговараат на прошетка низ скопската планина, но оваа има посебен шмек, како да е напишана баш за Водно.

А Зијан се посебен феномен, скриени од јавноста толку години. Некако не ми е јасно каде и како ја скротија таа енергија, зошто тоа е како вулкан, они едноставно згаснаа, а знае ли некој како можеш да згаснеш вулкан? А требаа да ја освојат таа Југославија, нивините емоции требаа да станат сечии емоции, да се пеат и свират нивните песни исто како што се пеат песните на еден Парни Ваљак, Хаустор, Бајага, Забрањено пушење … Е до толку беа добри. Дали поради тоа што пееја на македонски, дали поради вметнување на македонски народни мотиви, дали поради тоа што немаше македонска дискографска куќа, менаџер, кој ќе го осетеше вонвременскиот талент на четворката од Гевгелија, или едноставно немаа среќа.

А дека беа големи се доволни два податока, победници на „Гитаријадата” во Заечар  и победници на „Суботичкиот рок фестивал” (во тоа време едни од најценетите рок настани на овие простори). И затоа како награда добиваат право да издадат плоча, но наградата никогаш не го здогледа светлото на денот. А да ја издадеа плочата, таа 1987 г. (иако целиот материјал беше снимен), историјата на рок музиката на Балканот ќе изгледаше потполно различно. Неправдата е исправена во 1991 г. кога е издадена касетата “НизВодно” во продукција на Македонската радио-телевизија. Но прекасно.

Оној пазар во она воено невреме не дозволуваше простор да се рашириш, да ги покориш со својот неоспорен талент. И оттогаш не се слушна многу за нив. Нивните „Пушти коси“, „Стамена“, „Кате сваќе“, „Елизабет“, „Денови”, „Рушиме се”, „Град„ „Низводно”, подоцнежните „Остани”, „Обична песна”… кои беа неверојатни, висококвалитетни песни не дојдоа до пошироката народна маса, едноставно останаа како скриени бисери очекувајќи подобри времиња. Штета. Годините течат, многу лета и зими поминаа, многу приказни се напишаа, а од Зијан ништо ново. Се додека не дознав дека на 7 ноември 2024 г. ќе одржат  свој самостоен концерт после цели 30 години во МКЦ. Да не поверуваш. Неколку дена пред концертот отидов на Водно со оној стариот вокмен, со касетата “Низводно”. Чекав да дојде денот кога ќе заврне онака обилно.

И ете ме мене по патот горе, облаци, магличаво, полутемно, на дрвјата се уште имаше лисја та планината не можеше да ми се отвори сосема. Чекор по чекор полека, правејќи здраво живо со дрвјата, земјата, кои едвај чекаа да ја чујат повторно „НизВодно”, прашувајќи ме дали навистина Зијан ќе направат голем концерт. Сепак ова е песна посветена на Водно, немој некој да чујам да рече дека „НизВодно“, се однесува на изразот – По текот на реката. Иако не ми е јасно од каде толкава љубов на овие четворица  Гевгеличани кон планината Водно. Полна сала на МКЦ, постари, помлади, од секаде иако по нагласокот би рекол дека голем дел се од гевгелискиот регион. Се мешам со фотоапаратот меѓу нив. Барам познати музичари, нивни колеги, некој кој ќе дојде само да им оддаде почит на нив, великаните на македонската рок-сцена. Освен Перо Камиказа и Бени не видов никој друг. А почитта и другарството е една од најбитни нешта, која ги спојува сите. Нека, они како и секогаш можат сами.

Почнуваат онака прекрасно, шесторица на сцена, веќе остарени, но полни со енергија. Емоција излегува од секој, такт, од секој акорд, од секој збор, од секоја песна. Публиката пее, игра, еден постар пар стои на страна, пеат гласно, најгласно со полно срце и душа. Ги прашувам што е работата, а они како да чекаа да ги праша некој нешто, ми рекоа дека на песната “Пушти коси” се запознале пред повеќе од 35 години, и отогаш си дале збор дека секогаш кога ќе има концерт Зијан ќе дојдат да ги слушаат во живо. А дојдоа тој од Австралија, таа од Америка, и иако одамна не се заедно сепак си го одржаа меѓусебе дадениот збор. Да, да, Зијан се премногу големи за да тлеат тукутака. Концертот траеше и траеше, се појавија и музичари гости, од каде толкава енергија во нив? Завршуваат речиси два часа со се бис. Премногу концерти имам гледано, навистина премногу, но овој концерт беше посебен, едноставно прекрасен.

Дали беше нивен последен со кого се збогуваат од јавноста, или пак како најава на нешто ново, навистина не знам. Ако е последен тогаш секоја чест на Вас легендите од Гевгелија, а ако е почеток на нешто ново, повторно секоја чест на Вас легендите од Гевгелија со надеж дека во новите песни ќе се најде една посветена на нивната Кожув планина или “НизКожув”. А да, поминав неколку дена по концертот на Водно, но сега со мал паметен телефон со моќен, јак звук. Им пуштав песни на дрвјата, земјата, од концертот на Зијан. Само да знаете тоа што го чувствувавте пред некое време не беше земјотрес, не, тоа Водно танцуваше.

Љупчо Давчев