Култниот македонски рок-бенд „Зијан“, со потекло од Гевгелија, за 7 ноември 2024 година, најавува враќање на македонската рок-сцена. Поводот е нивниот голем концерт кој ќе се одржи во скопскиот МКЦ. Интересно е дека тоа е на истата таа сцена, во истиот состав како и пред 30 години, кога за последен пат нејзините членови настапија пред скопската публика. Какво уживање ќе биде тоа за музичките фанови, останува да видиме и да чуеме на самото место. Она што е сигурно дека членовите на групата подолго време вредно вежбаат во Гевгелија за да пред публиката, која ќе дојде на нивниот концерт во Скопје, ја „истурат“ сета своја енергија и страст, изведувајќи ги своите безвременски песни.
Приказната за групата „Зијан“ започнува во 1978 година кога во Гевгелија функционирал и составот „Бабини внуци“ – група на средношколци кои настапувале на училишни игранки со песните во кавер-верзии. Кога на групата ѝ се приклучуваат Ристо Ќорнаков на клавијатури и Крсто Раденов на тапани, се создава нова група „Трета смена“. Костурот на двете групи го сочинуваат Костадин Динев-Коце на бас-гитара и Апостол Митров-Ацо на соло-гитара. Како „Трета смена“ настапуваат на БУМ-фестивалот во Скопје во 1979 година. Потоа, Ацо и Коце заминуваат во војска, составот мирува една година, за да повторно профункционира по нивното враќање и доаѓањето на Ангел Динев, братот на Коце, како тапанар. Настапуваат во 1981 на манифестацијата „Поздрав до Сараево“ и во 1983 на тогаш престижната манифестација „Рок лига 1983“. Одличниот настап им обезбедува покана во јануари 1984 година во тогашниот Дом на младите „25 Мај“ да бидат предгрупа на популарниот „Кербер“ од Ниш. Истата година како „Трета смена“ имаа единствен самостоен концерт во истиот простор на Домот „25 Мај“ во Скопје.
По тој концерт, членовите стануваат свесни дека приказната за „Трета смена“ е завршена и дека треба да се свртат кон новите музички трендови кои тогаш доминираат на светската рок-сцена. Така, есента, 1984 година, македонската музичка јавност ќе дознае дека во Гевгелија се формирал нов состав со стари и познати лица, составот кој оттогаш ќе се вика „Зијан“. Сè другото е историја, долга 42 години. Групата „Зијан“ наместо зијан, напротив ќе донесе само голем бериќет и на југословенската рок-сцена.
Костадин Динев, басистот на „Зијан“, во една пригода ќе каже дека можеби тајната на долговечноста на нивните песни се крие во фактот што не се правени трендовски само за „една сезона“
А, бидејќи „Зијан“ се исклучок во однос на вообичаената развојна историја на популарните домашни и светски поп-рок групи, нека и оваа најава за нивниот концерт во Скопје, на 7 ноември, биде исто таков исклучок.
Во рок-музиката, пред сè и самата Гевгелија, а и зошто да не и Македонија, се препознава по групата „Зијан“. Работеле тие активно или не. Оваа група останува мерка на еден постојан квалитет. Нивната музика со текот на годините не губи ништо од својата свежина. Благодарение пред сè, на интересната и ненаметлива употреба на македонскиот етно-мелос во нивните композиции, одличните текстови и луцидните аранжмански решенија.
Во нивните песни ќе го почувствувате здивот на Медитеранот, опојниот мирис на смоквите и калинките, брановите на Дојранското Езеро. Исто така и волшебната убавина на Кожуф Планина, писокот на зурлите и татнежот на тапаните, фолклорното богатство на пределот Бојмија, магиската моќ на обредните русалиски игри, питомоста и добродушноста на луѓето кои живееле и живеат на југот на Македонија, во сончевата долина – градот Гевгелија.
–
Искрени и енергични во свирењето, беспрекорни како инструменталисти, најверната публика, по гевгелиската, ќе ја стекнат во Скопје со големиот број настапи во средината на 80-тите години. Сакале ѕвездите или не, но има многу симболики во значајните датуми од нивната кариера. 42 години од нивната кариера, 40 години од првиот нивен настап во МКЦ, 33 години од излегувањето на нивниот единствен албум(касета), „Низводно“, 30 години од нивниот последен настап во МКЦ, кој можеби навестува враќање на „Зијан“ на голема врата на македонската рок-сцена.
Без лажна скромност, Ристо Ќорнаков, клавијатуристот на „Зијан“ вели дека 42 години во оригинална постава, во ист состав е вистински раритет не само во нашата земја туку и пошироко во Европа. По дефинитивното освојување на македонската публика, при настапите низ македонските градови, доаѓа настапот на „Рок фест 87“ каде што групата „Зијан“ го освојува првото место и добива можност да настапи на југословенската „Зајечарска гитаријада“.Таму „Зијан“ заслужено победува на гитаријадата „Зајечар 87“ . Како награда, членовите добиваат можност да издадат албум за познатата „Продукцијата за грамофонски плочи на Радио-телевизија Белград.“ Ги снимаат сите композиции за овој албум во студиото на Тоше Поп Симонов, на кој клавијатурите ги свири Кирил Џајковски. За жал, овој материјал никогаш не го здогледа светлото на денот во вид на плоча.
По победата на гитаријадата во Зајечар, истата година во септември момците од „Зијан“ настапуваат на стадионот на “Црвена Ѕвезда”, големата „Маракана“ во Белград, заедно со повеќе од 20 бендови и изведувачи, меѓу кои и популарните: Рибља Чорба, Галија, Плави оркестар, Филм, Хари Мата Хари, Јосипа Лисац….. Во 1988 година „Зијан“ имаат настап во Суботица. Пред френетични 6.000 луѓе, за првпат еден македонски рок-бенд победува на најпрестижниот музички фестивал за младите музичари, популарната „Омладина“. Уште еден доказ дека „Зијан“ е голема група.
Со едногласна одлука на публиката и жири-комисијата, „Зијан“ тогаш се прогласени за севкупни победници во конкуренција на 237 пријавени бендови од цела поранешна Југославија. И, наместо нивната кариера да почне да оди по нагорна линија, а поради игнорантскиот однос кон групата на издавачките куќи и некои музички институции, и поради подоцнежното распаѓање на Југославија, на момците од “Зијан“ им беше одземена можноста да бидат една од најмоќните рок-групи дури и на овие зовриени Балкански простори.
Конечно во 1991 година „Зијан“ се појавува на музичкиот пазар со деби албумот насловен како „Низводно“ во издание на музичко-касетната продукција на Македонската РТВ. Албумот е снимен за десетина дена во Студиото М-2 во Скопје, продуциран е од Валентино Скендеровски. Извршен продуцент е Петар Георгиевски-Камиказа, а снимател Исмаил Авдуловски-Џо. Костадин Динев е бас-гитара и вокал, Апостол Митров гитара и вокали, Анѓел Динев тапани, Кирил Зарлинов клавијатури, потпомогнати со вокалите на Вера Јанковиќ, гајдата е од Стево Стојковски и клавијатурите на Валентино Скендеровски. Сите тие учествуваат во снимањето на овој албум на „Зијан“.
Албумот „Низводно“ е вистински дијамант на македонскиот поп-рок и на него се наоѓаат осум антологиски композиции, осум вистински бисери на кои годините не им одзеле ништо од нивната вредност. Да ги споменеме, безвремената „Пушти коси“, потоа двете суптилно обработени фолклорно настроени „Стамена“ и „Кате сваќе“, заразната реге-тема „Елизабет“, хитовските „Денови“ и „Град“, љубовната „Рушиме се“, и на крај, како крем, „пинкфлојдовската“ инструменталка „Низводно“. Како и да е “Зијан“ остануваат најјаки со концертните настапи. А, нив во овие изминати години ги имало многу. За концертите во една пригода Коце ќе рече дека за секоја група тоа претставува мерило за квалитетот на самата група и нивната музика.
Така да гевгелиската „Зијан“ уште еднаш го докажа својот квалитет во изборот на Топ-100 највлијателни и најслушани македонски поп-рок песни и групи. На 11. место на најквалитетна и најслушана песна, според гласањето на „Фејсбук“, над 200 музички фанови, новинари и хроничари, ја изгласаа нивната безвремена тема „Пушти коси“. Во истиот избор, на 100 највлијателни албуми во македонската популарна музичка историја, албумот „Низводно“ го зазеде 48. место.
За оние кои доаѓаат во медитеранската Гевгелија, а не го знаат стихот од песната „Пушти коси ветер да ги носи“ гевгелискиот професор Стефчо Стефанов, автор на книжулето „Гевгелисувајне“ има куса и интересна порака, токму онака оригинално напишана на гевгелиски.
-Ич ним ни помисљави да кајш оти си подишил гивгилиски ваздух, ако воа стих не ти са има увртено уф главта, или пу, пу не дај Боже да не знајш шо стих е, кој стих е и чиј стих е. „Зијан“ ак не ти са чуани и не са знаат – арам да тее. Ни кучиинта уф Гевгелија нема да те залаат, оригинално напиша професорот гевгеличанецот Стефчо Стефанов за рок-составот „Зијан“. Љубчо Алексовски