„Само искуството и чувството на блискост и заемно дејствување, кое се нарекува љубов, може да го намали отуѓувањето и атомизирањето на современиот човек, а уметноста е таа што може да ги иницира и провоцира сите овие чувства. Можеби чувството на интимност и меѓусебна поврзаност, пренесено во делата на уметниците од „Зимскиот салон 2024“ ќе им овозможи на реципиентите и идните генерации да ги живеат следните поглавја од човечката историја на нов и повеќе хуман начин“, посочува Оксана Карповец, селекторката на „Зимскиот салон 2024“, изложба која годинава е на тема „Интимност и интерконекција“, а која од завчера е отворена во галеријата на Чифте-амам
Отворањето на традиционалната биенална изложба Зимски салон и годинава предизвика голем интерес во јавноста, а посетителите во галеријата Чифте-амам од завчеравечер имаат можност да уживаат во 36 креативни дела, селектирани од страна на кураторката, украинската историчарка на уметност, Оксана Карповец.
Овој пат македонските и украинските уметници со своите дела во најразлични ликовни медиуми одговорија на зададената тема „Интимност и интерконекција“. На овој јубилеен 20. „Зимскиот салон“, селекцијата е направена од вкупно 80 пристигнати дела.
„’Зимскиот салон’ е една од најзначајните изложби на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Овој пиетет го добива заради можноста за соработка со куратори – историчари на уметност, како македонски така и странски. Учеството и интересот на уметниците членови на ДЛУМ за ’Зимскиот салон’ отсекогаш биле предизвик. Пристапот при селекцијата на делата од страна на кураторите оваа биенална изложба ја прави сè поатрактивна од ликовен аспект. Експериментирајќи со сите медиуми на изразување, Зимскиот салон е значаен токму поради тенденцијата, како на кураторите така и на уметниците учесници, да креираат современи и концептуални ликовни формати“, посочи на отворањето на оваа престижна изложба претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, која исто така учествуваше со свое дело. Таа истакна дека токму годинашната кураторка од Украина, која денес живее и работи во Париз, Франција, Oксана Карповец, на македонските уметници членови на ДЛУМ им предложи актуелна и провокативна тема која во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асоцијации.
Инаку, биеналниот „Зимски салон“, годинава бележи 20. јубилејно издание во неговото 32-годишно постоење. Во далечната 1992 година е одржан првиот „Зимски салон“, а историчарката на уметност Викторија Васева-Димеска била ангажирана како куратор да организира и реализира изложба на ДЛУМ.
„Денес, како генерација на македонски ликовни уметници, сведочиме за
историскиот континуитет на ДЛУМ, но исто така ја имаме одговорноста и обврската ДЛУМ и во иднина да биде репрезент на квалитетни и современи концепти и тие да се презентирааат, како на македонската, така и на меѓународната ликовна сцена“, додаде Манева-Чупоска.
Проф. д-р Маја Рауник-Кирков, претседателката на уметнички совет на ДЛУМ, пак, се заблагодари на Викторија Васева-Димеска, заради визионерската моќ и високите стандарди кои, како што додаде, ги поставила пред многу години. „Се работи за стандарди кои овозможуваат толку години ДЛУМ да докаже дека има капацитет да го претстави ликовниот поглед на нашата креативна моќ на интернационална сцена“, истакна Рауник-Кирков.
Во однос на темата и идејата на изложбата таа посочи: „Станува збор за една многу длабока социолошка компонента во темата, која кореспондира со филозофските и ликовно-теоретските ставови на Жан-Филип Антоан, а тоа е дека визуелните перцепции и визуелните претстави, а со тоа и уметничките дела имаат корен во социјалната меморија. Тргнувајќи од сите овие изложени дела ние добиевме еден голем исчекор и квалитет, бидејќи тие на сите нас ни кажуваат дека се она што го гледаме се случува овде и сега и во било кој дел од нашата планета истовремено. Споделувањето на една таква колективна меморија, едни врвни естетски ликовно осмислени дела навистина не прави да бидеме поврзани со сите луѓе на светот преку јазикот на ликовната уметност”.
Самата кураторка Оксана Карповец, за изложбата ќе рече: „Во овие вознемирувачки времиња, со сцени на масовни злосторства, природни
катастрофи, пандемии и климатски промени кои се одвиваат пред нашите очи секој ден, се јавува поголема свест за меѓусебната поврзаност на сè што се случува во светот. Секој настан од другата страна на планетата може да влијае на она што се случува овде и сега. Уште пред многу векови, митската поврзаност со сè околу нас – духовите на предците, природата, земјата, животните била природна и реална за луѓето. Но, со развој на логиката на модерното време, се јавува амнезија за глобалната взаемна поврзаност. Денес, човештвото е отсечено од чувството дека е дел од универзумот, сметајќи се себеси за супериорно и изолирано, не само во однос на природата, туку и во однос на релација на луѓето едни од други. Само искуството и чувството на блискост и заемно дејствување, кое се нарекува љубов, може да го намали отуѓувањето и атомизирањето на современиот човек, а уметноста е таа што може да ги иницира и провоцира сите овие чувства“. Карповец додаде дека можеби чувството на интимност и меѓусебна поврзаност пренесено во делата на уметниците од „Зимскиот салон 2024“ ќе им овозможи на реципиентите и идните генерации да ги живеат следните поглавја од човечката историја на нов и повеќе хуман начин.
Инаку, „Зимскиот салон“ за првпат бил организиран 1992 година. По седум години тогашниот претседател на ДЛУМ, Коле Манев, потпиша договор со ателјето „ Cité internationale des arts “ од Париз, за тамошен престој на лауреатот од изложбата, што државата го финансира од 2003. Инаку изложбата ќе биде отворена во Чифте амам наредните 14 дена.
Тања Балаќ добитник на наградата Гран-при
Македонската уметница Тања Балаќ е годинешниот добитник на престижната Гран-при награда на „Зимскиот салон 2024“ со своето дело, видео анимација “Next generation” (Следната генерација). Наградата претставува двомесечен престој на уметникот во ателјето „Cité internationale des arts“ во Париз.
„Ова дело испраќа силна порака која се однесува на младите. Во целото дело преовладуваат текстови и пораки за тоа каква иднина им оставаме на младите луѓе и сите тие пораки кои се провлекуваат во видеото, всушност бараат будење. Всушност, бараат да се свестиме, бидејќи веќе се соочуваме со сите работи што им се случуваат на младите, а зборувам за менталното здравје, за екологијата, за економска ситуација. Делото носи една силна општествена порака која што тера на некоја будност. Младите имаат право на свои проблеми, но дали имаме ние морално право да оставаме наши проблеми и товар во наследство со кој тие се соочуваат постојано“, вели за своето дело Балаќ.
Како што вели Гран-прито е голема награда и голема чест за неа.
„Многу пати стоев од другата страна на микрофонот и не можев да замислам колку е возбудливо и емотивно да се добие една ваква награда особено затоа што доаѓа од мојата фела и се надевам дека оваа видеоанимација ќе допре до што поголема публика“, посочи Балаќ.
(Д.Т.) Фото: П. Стојановски