Зеленски: Украина мора да го убеди светот дека може да ја победи Русија

32

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети регионот Суми, кој граничи со Русија, и се сретна со војниците кои учествуваат од другата страна на границата, во офанзивата што се одвива од август во областа Курск.

„Го започнав моето патување до регионот Суми со средба со нашите војници – момци кои се борат во регионот Курск за одбрана на нашите погранични области и на целата земја“, напиша Зеленски на социјалната мрежа. Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Зеленски неколку пати ги посетил војниците на линијата на фронтот.

„Во долга војна, не се работи само за мотивирање на војниците. Треба да го мотивирате целиот свет и да го убедите дека Украинците можат да бидат посилни од непријателот“, им порача тој на војниците.

Украинскиот претседател ги почести војниците придружувани од врховниот командант на армијата Олександар Сирски во подземно засолниште, пренесува Хина.

Тој веќе го посети овој регион на североисточна Украина во август, по започнувањето на украинската офанзива, со која Киев окупираше неколку стотици квадратни километри.

Таа офанзива, чија цел беше да ја принуди Русија да ги пресели во зоната Курск војниците вклучени во борбите појужно во украинскиот регион Доњецк, не успеа да го олесни фронтот и руската армија продолжи да напредува во таа област.