Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Брисел, каде со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и европските лидери ќе разговара за безбедносните гаранции, зајакнувањето на украинската армија и обезбедувањето на системот за воздушна одбрана.
„Многу е важно да ги искористиме овие два дена во Брисел за да се сретнеме со сите наши партнери и да имаме заедничка, неподелена европска позиција за тоа како да ја обезбедиме Украина и нашите граѓани. Се разбира, ќе разговараме и како да ја зајакнеме нашата армија“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со Руте.
Тој нагласи дека од клучно значење е да се разговара за бројот на системи за противвоздушна одбрана што ќе бидат испратени во Украина и ја истакна важноста на заедничкиот став на Европа во поддршката на Украина, пренесува Укринформ.
„На Европа и треба силна, обединета позиција за да обезбеди траен мир. Секое фундаментално прашање кое влијае на Европа и завршувањето на војната на Русија против Украина е несомнено едно од нив, бара координирана и ефикасна работа од европските нации“, рече тој во објавата на мрежата Х.
Зеленски рече дека веќе се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон, а за утре се предвидени средби со други западни лидери.