Зеленилото во Скопје не само што е прочистувач туку и го подобрува квалитетот на живот во градот

41

Генерален проблем во Скопје е големата урбанизација. Се гледа да се стекне профит на секоја празна парцела, уништувајќи го зеленилото, без притоа да се посадат нови садници. Ова беше истакнато на настанот од информативен карактер на тема „Повеќе зеленило, подобар град!“, во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климата“, а во организација на Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“.

– Градовите во 21 век се соочуваат со премногу предизвици. Сведоци сме со што сѐ се соочува Скопје секојдневно, од типот на загадување, од една испревртена слика на сите вредности. Зеленилото тука нема само улога на еден прочистувач во еколошка смисла туку има улога и на подобрување на квалитетот на живот од сите аспекти во градот – рече Ива Петрунова, регионален координатор на проектот.  

Таа вели дека е потребно да се мапираат слободните површини во Скопје, каде што би можело да има паркови и зелени јавни простори.

– Проблемот е тоа што секогаш прво на нишан, што се уништува, е токму зеленилото, без притоа да се посадат нови садници. Исто така, многу е важно тоа зеленило што се сади да има активна функција, односно да придонесува во прочистување на воздухот, да бидат оние растенија што се типични за ова поднебје – вели Петрунова.

Додаде дека образованието и едукацијата на оваа тема кај граѓаните се на ниско ниво. Затоа следните чекори ќе бидат информирање и едуцирање на граѓаните, бидејќи, како што рече, тие имаат важна улога во придонесувањето за повеќе зеленило во јавниот простор. Изрази верување дека граѓаните, како и властите, ќе станат свесни за сите придобивки од зеленилото и дека во иднина ќе се подобри состојбата во Скопје.

Како позитивна промена, Петрунова го истакна зелениот катастар, кој не функционираше со години, а профункционира минатата недела.