Паркиралиштата со кои стопанисува Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на општина Центар отсега ќе се чистат и машински. Набавена е првата машина за чистење на паркиралиштата која е од германскиот бренд „Зелена машина” и и со неа ќе се собираат отпадоци, но и ќе се чисти снег.
– Оваа машина е мултинаменска. Се менува предниот дел и може да се користи и за чистење снег. Чистењето снег ќе биде покрај паркиралиштата и ќе помогнеме во чистење снежни наноси и во општина Центар, за чистење на тротоарите и пешачките зони – рече директорот на ЈП „Паркинзи“ на општина Центар, Васко Кичевски.
Машината чини околу два милиони и 350 илјади денари и набавена е од фирма од Кавадарци. Тој најави дека планираат да купат уште една ваква машина.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ истакна дека со оваа машина за чистење ќе се придонесе за подобро одржување на хигиената. Тој потсети дека општина Центар на 27 декември 2018 година ја донесе Програмата и Буџетот и рече оти имаат предвидено средства со кои ќе набават нови поголеми машини за чистење и одржување на хигиената.
– Во соработка со Град Скопје за годинава се предвидени нови подземни контејнери и поствување нови корпи со кои ќе придонесеме во одржувањето на хигиената, нагласи Богдановиќ.
(С.Бл.)