За зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и на имотот, од Светска банка посочуваат дека на земјава, во следната деценија, ќе ѝ требаат 6,4 милијарди долари. Оттаму предвидуваат дека со „зелената“ транзиција, околу 66.000 работници во Македонија ќе бидат под најголем ризик да ги загубат своите работни места и ќе треба да ги променат своите занимања

 

Во последните 20 години, разорните поплави, екстремните поројни дождови и топлотни бранови ѝ предизвикаа на Македонија загуби од 667 милиони американски долари, а предизвиците од климатските промени само растат. Во отсуство на инвестиции за адаптација, Македонија, поради климатските промени, до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до 4 % од бруто домашниот производ (БДП).

– Со „зелената“ транзиција, околу 66.000 работници во Македонија ќе бидат под најголем ризик да ги загубат своите работни места и ќе треба да ги променат своите занимања. За да одговори на овие нови барања, земјата треба да ги адаптира образовниот систем и механизмите за социјална заштита, да ги преквалификува луѓето и да изгради здравствен систем што ќе ја поддржи „зелената“ транзиција, ќе ја зголеми отпорноста на климатските шокови и ќе се приспособи на промените во обрасците на болести – беше истакнато на презентацијата на двата извештаја на Светска банка – едниот за климата, а другиот за јавните финансии.

За зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и на имотот, од Светска банка посочуваат дека на земјава, во следната деценија, ќе ѝ требаат 6,4 милијарди долари, а секој долар од овие инвестиции вложени сега ќе испорача од два до десет пати повеќе поврат во иднина, поради избегнати загуби и економски придобивки.

– Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизацијата на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор. Но, ова се големи бројки и владите не ќе може сами да ги постигнат, па 85 проценти на декарбонизацијата може да доаѓаат од приватниот сектор – порача директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и за Македонија, Масимилиано Паолучи, презентирајќи дел од извештајот за климатските промени и за развојот на земјата (CCDR).

Банката, исто така, препорачува дека Македонија би требало да инвестира дополнителни 1,7 милијарди долари до 2030 година и 5,6 милијарди до 2050 година во енергетскиот систем за да постигне нето нула на ниво на целата економија, што е еквивалентно на околу 2,6 проценти од БДП годишно, во просек.

– Поголемиот дел од дополнителната инвестиција до 2050 година би отишол во секторот за електрична енергија и би бил најмногу насочен кон зголемување на капацитетите за производство на обновливи извори. Сепак, поголемите потребни инвестиции барем делумно би биле компензирани со пониски оперативни трошоци. Влијанието на инвестициите за декарбонизација врз домашното производство би било скромно во однос на значајното намалување на емисиите. БДП по глава на жител би бил само 0,3 отсто понизок во 2050 година – стои во извештајот.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, рече дека е од витално значење да се инвестира во силни политики и инфраструктура отпорни на климата.

– Работиме на предлог-законот за климатско дејствување, кој многу брзо ќе биде доставен за одобрување до Владата и ова е важен чекор кон ублажување на климатските влијанија и намалување на емисиите на стакленички гасови – рече Меџити.

Тој додаде дека ќе продолжи да работи за вклучување на климатските ризици во севкупниот економски развој на нашата земја за да се обезбеди подобра иднина за идните генерации, а ѝ се заблагодари на Светска банка за сета поддршка што ѝ ја дава на земјава.

(С.Бл.)