„Зелената“ енергија добива гарантен лист

61

Во Македонија потрошувачите на електрична енергија од обновливи извори ќе добиваат гаранција дека определен удел или количеството од струјата што ја користат во производството е „зелена“. Гаранциите за потекло се од огромна важност за домашните компании што извезуваат на европскиот пазар затоа што ќе можат да докажат дека во оперативниот процес користат чиста енергијата т.е. енергија од обновливи извори, а со тоа го намалуваат јаглеродниот отпечаток.

Владата го задолжи Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО да ги издава Гаранциите на потекло (Guarantees of origin – GOs) кои ќе бидат електронски документ, а исто така ќе врши и евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување.

Овие гаранции за потекло се користат во Европска Унија за следење и потврдување на потеклото на електричната енергија со што се промовира еколошка одговорно, транспарентност и доверба на потрошувачите на енергетскиот пазар.

Во изминатиот период МЕМО, со поддршка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, стана член – набљудувач на Асоцијацијата на издавачки тела (Association of issuing bodies – AIB) која е водечка европска асоцијација за енергетска сертификација, посветена на обезбедување транспарентност преку стандардизација на Гаранциите за потекло.