Здружението на педијатри на Република Македонија вечерва преку соопштение изрази поддршка за сите мерки што ги презема Министерството за здравство во однос на вакцинирањето на децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината.
-Повикот е од особена важност за децата кои се во потенцијален ризик или се опкружени со лица во потенцијален ризик и истите треба да бидат веднаш вакцинирани со цел намалување на ризикот на и така намалениот колективен имунитет. Со тоа се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници – морбили, кај децата и кај повозрасната популација. Со вакцинацијата се намалува ризикот од заболување од морбили, а со тоа и опасноста од можните компликации кои можат да бидат многу сериозни и смртоносни, се наведува во соопштението.
Воедно, се наведува дека важноста на педијатарот во имунизацијата е исклучителна и единствена, бидејќи тој е компетентен во проценувањето на здравствената состојба на детето и е одговорен за навремено информирање на родителите во однос на здравствената заштита на детето и имунизацијата.
По претходно утврдена здравствена состојба на детето, со вакцинирањето се спречуваат несакани грижи за здравјето на децата, посочуваат од Здружението на педијатри и потенцираат дека вакцините се безбедни и квалитетни.