Зделки од над 44 милијарди евра, роботи шегаџии и 100.000 рози на рускиот „Давос“

Просторот каде што се одржуваше „Експофорум“ беше украсен со херои од делата на Пушкин, бидејќи оваа година се навршуваат 200 години од неговото раѓање, а на еден од штандовите, каде имаше хемиски бар налик на лабораторија со разни напитоци на база на азот и тајни состојки, се одбележа 150-годишнината од создавањето на Менделеевиот периоден систем на елементи. Големо внимание привлече роботот Питагора, кој го склопиле руски ученици

264
Internationale Handwerksmesse 2015 Halle B2: Messegeschehen: Hallenübersicht, Balkonfotos, Vogelperspektive, Besucherandrang Foto: Marcus Schlaf, 14.03.2015

За три дена на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург соборени се многу рекорди. Потпишани се дури 650 договори вредни околу 44,6 милијарди евра. Оваа бројка се однесува само за оние договори кои не се сметаат за деловна тајна.

Како што пренесува Спутник, на форумот одржан минатата недела постигнат е  рекорд и според бројот на учесници, бидејќи овогодишниот форум собра 19.000 луѓе од 145 земји. Најголемите делегации беа од Кина, од каде допатуваа околу 1.000 официјални лица и бизнисмени, на чело со претседателот Си Џинпинг и од САД, од каде ги имаше 520. На Форумот присуствуваа лидери на шест земји, како и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. Претставени се 1.300 странски компании и повеќе од 2.500 руски, а дури 4.814 акредитирани новинари го следеа овој настан.

И овој форум, кој многумина го споредуваат со швајцарскиот „Давос”, покажа дека наспроти обидите за изолација, меѓународниот бизнис не ја прекинува плодотворната соработка со Русија. Најзначаен настан на форумот беше пленарното заседание на кое покрај останатите високи гости, учествуваа и претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг.

Настаните на форумот ги обедини мотото „Формирање агенда на одржлив развој”, а генералниот  секретар  на ОН Антонио Гутереш ги повика светските лидери да „покажат мудрост да не се лизнеме повторно во студена војна”. Според неговите зборови, порано светот беше биполарен, потоа стана мултиполарен, а сега е хаотичен. Но, токму сега, укажа тој, созреа разбирањето дека треба да тежиме кон правична глобализација. Традиционално, покрај економските, политичките и геополитичките, разгледувани се и енергетски прашања.

Покрај спогодбите и деловните разговори, за трите дена траење на Форумот во изложбениот центар „Експофорум” гостите можеа да видат и роботи кои разговараат, играат, пеат, се шегуваат, потоа изложби на слики, луксузен автомобил од руско производство – златен седан „аурус сенат”, штандови од рози, бројни иновации и многу друго. Деловниот простор и местото на одржување на свечените приеми во „Експофорум” беа украсени со херои од делата на Пушкин, бидејќи оваа година се навршуваат 200 години од раѓањето на славниот руски поет Александар Пушкин. На еден од штандовите обележана е 150-годишнина од создавањето на Менделеевиот периоден систем на елементи. Тука работеше хемиски бар, налик на лабораторија, со разни напитоци на база на азот и тајни состојки. Големо внимание привлече роботот Питагора, кој го склопиле руски ученици, пренесува Танјуг. Руската компанија „Уралхим”, која се бави со производство на минерално ѓубриво, го украси својот штанд со 100.000 рози.

Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург се одржува од 1997 година, а од 2005-та под покровителство на претседателот на Русија, Владимир Путин. Главна задача на форумот е поддршка на конструктивниот дијалог, насочен кон воспоставување и јакнење на односите меѓу државите, бизнис круговите и компаниите.