Големата депонија со згура најдена на приватен имот во скопски Орман е отровна. Содржи 10 проценти олово, а во примероците што ги зеде акредитирана лабораторија, имало и други тешки метали како: цинк, бакар, кадмиум…Отпадот остаток од преработка на акумулаторски батерии во количина од околу 500 до 600 тони, таму се трупала најмалку 6 месеци, а во криминалната шема која денеска ја сподели со јавноста директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски, биле вклучени четири фирми и две физички лица.
– Отпадот потекнува од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип, кој го предавал на „Рецикл Еко Старт“ од Чучер Сандево. Оваа компанија има А-интегрирана дозвола, исто како и „Таб-Мак“ за преработка на акумулатори, но не и за третман на отпадот од тој процес. Фирмата „Рецикл Еко Старт“ има монтирано постројка за преработка и оловната паста која ја создавале од отпадот,а за која немале дозвола „Рецикл Еко Трејд“ преку друга фирма ја враќале повторно кај „Таб-Мак“ каде се користела за производство на акумулатори. Четвртата фирма е „Статус“ од Скопје, која го транспортирала отпадот. Двете физички лица се сопственици на плацот во Орман, кои имале договор со „Рецикл Еко Старт“, но, тие на инспекторите им изјавиле дека не знаеле каков вид на отпад се складирал – објасни Стојковски.
„Рецикл Еко Старт“ опасниот отпад го третирала од крајот на минатата и цела оваа година, иако за тоа немала дозвола.
– Проширување на А-интегрираната дозвола, со што би ја вклучиле и оваа дејност побарале од Министерството за животна средина дури во септември оваа година и во моментов не ја поседуваат. Тоа значи дека оваа компанија не смеела да прими опасен отпад, а уште помалку да го префрли на друга локација, додека, пак, фирмата од Пробиштип, која има законска обврска да се грижи за правилен третман на отпадот што го создава во својата работа, требала да го извезе во странска компанија која има дозвола за ваков тип на третман – вели Стојковски.
Инспекторатот ги задолжил инволвираните под итно да го исчистат отпадот од плацот во Орман и истиот да се врати на фирмата во Чучер Сандево каде што, како што дозволува законот, може да остане до 3 години ако се преработи, или една госина ако се извезува. Стојковски рече дека ќе се испитува и постројката која се наоѓа на плацот во Орман и се користи за производство на бекатон плочки, како и дали има врска помеѓу отпадот што бил таму и ова производство.
Стојковски истакна дека за сите инволвирани во случајот досега се напишани една кривична и една прекршочна пријава, но во тек се уште неколку истраги што може да резултираат со нови санкции.
– „Рецикл Еко Старт“ ќе добие кривична пријава за кривично дело загрозување на животната средина и природата, како и забрана за работа во рок од 90 дена и рок од 60 дена да го исчисти плацот во Орман и да го врати отпадот кај себе. Проиводителот на отпадот фирмата „Таб-Мак“ доби прекршочна пријава и санкција од 88.000 евра, заради тоа што го прекрши Законот за управување со отпад и го предала на неовластен постапувач што немал дозвола да го третира.
Изминатиот месец инспектор од Ѓорче Петров утврди дека на приватен плац во селото Орман биле најдени 600-тони опасен отпад од акумулатори за кој граѓаните велат дека таму стои веќе шест месеци.
И додека се создаваат нови депонии со илјадници тони опасен отпад, државава со децении не може да ги реши депониите со историски опасен отпад кои се дефинирани како жешки точки. Иако е започнато е чистење на депонијата со стотици тони линдан во фабриката ОХИС, досега од малата депонија се исчистени три лота линдан и контаминирана земја во вкупна количина од 1.822 тони и се испратени на уништување во странство. Остануваат за чистење уште два лота од малата депонија за што се обезбедени пари од ИПА.
Од ДИЖС потенцираат дека останува да се реши линданот во големата депонија во ОХИС која е во непосреддна близина на малата, за што ќе бидат потребни 100 милиони евра, како и депонијата во Пеленица, Драчево, која исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист линдан и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Високите концентрации на линдан во Пеленица се детектирани во покривниот слој земја, на длабочина помала од 20 сантиметри, а на длабочина од само половина метар е најден чист линдан. За нејзино вањето, остранување и уништување се проценува дека ќе бидат потребни околу 80 милиони евра.
Инаку, низ Македонија се уште стојат депонии со милиони тони индустриски отпад од топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј.
(С.Бл.)