За 100 илјади евра во Скопје ќе купиш стан од 40 квадрати, а во Велес од 100 квадрати

Квадратот во Скопје се качи поради внатрешната миграција. Таа не е реална, бидејќи цените на градежните материјали и на работна рака се исти и во Велес, Прилеп..., а таму е 800 евра квадрат. Во државата има многу трговци со станови кои профитираат, а за сметка на тоа се уништува квалитетот на живот на граѓаните. Немаме рамномерен регионален развој и затоа ни се случи цените на становите во Скопје да се качат на 2.500 евра за квадрат, вели за весникот ВЕЧЕР, Никола Велковски, градежен експерт

339

За 100 илјади евра во Скопје ќе купиш стан од 40 квадрати, а во другите градови во државата од 100 и повеќе квадрати. Градежните експерти велат дека цената на становите во Скопје е нереална и оти таа се зголеми поради големата внатрешна миграција. Не може цела Македонија да живее во Скопје, а градот нема ни инфраструктура за толку жители, автомобили… Потребно е рамномерен регионален развој, а во градовите да има децентрализација на надлежности и фискална децентрализација.

-Квадратот во Скопје се зголеми поради внатрешната миграција. Цената не е реална бидејќи цените на градежните материјали и на работна рака се исти и во Велес, Прилеп…, а таму квадратот чини 800 евра. Во државата има многу трговци со станови кои профитираат, а за сметка на тоа се уништува квалитетот на живот на граѓаните. Немаме рамномерен регионален развој и затоа ни се случи цените на становите во Скопје да станат 2.500 евра за квадрат, вели за весникот ВЕЧЕР, Никола Велковски, градежен експерт.

Тој додава дека и во другите градови потребно е да се развива инфраструктурата, да има подружници од сите државни институции со цел да се создадат подобри услови за живот.

-Не може сè да е сконцентрирано во Скопје и жителите од другите градови секојдневно да доаѓаат на работа. Пола Македонија наутро се сели во Скопје и за влез има по неколку колони, а се чека по еден час. Потребен е рамномерен регионален развој, во Скопје не треба да се прави толкава инфраструктура, појаснува Велковски.

Освен кај нас и во Србија ситуацијата е слична. Сè се случува во Белград и затоа цената на квадратот е највисока, но за разлика од кај нас во Србија селата сè уште живеат, ние одамна ги запуштивме.

Градежните експерти велат дека општините немаат детални урбанистички планови што и каде да се гради. Ќе дојде странски инвеститор и нема да знае каде да инвестира. Никој не ти дава пари ако немаш одобрение за градба за кое ти треба детален урбанистички план. Велат дека требаше да се развиваат технолошко-индустриски зони, но и тука има застој.

За разлика од Скопје и Белград во Љубљана ситуацијата е поинаква. Љубљана се развива рамномерно и од 1970 година наваму бројот на жители е зголемен за помалку од 5.000.

И во Белград цените на становите растат бидејќи сите сакаат да живеат во главниот град. Гарсониера во центарот на Белград моментално чини 100 илјади евра, а за овие пари во Нови Сад, Ниш и Крагуевац може да се купат станови од 45, 70, па и речиси 100 квадрати.

Само годинава цената на становите, во зависност од локацијата, е поскапа за пет па дури до 30 отсто. Како тоа да не е доволно, експертите предвидуваат дека наскоро може да следи нов скок, бидејќи на почетокот на 2025 година Народната банка на Србија трајно ќе ги ограничи каматните стапки на станбените кредити, а поповолните услови ќе ги мотивираат потенцијалните купувачи да станат сопственици на недвижен имот.

Според аналитичарите, цените на становите во Скопје ќе продолжат за растат, а како причини за тоа ги наведуваат цените на материјалите, како и недостигот на работна сила што ги зголемува трошоците за плати. Еден од условите е и континуираното намалување на локациите за градба кои речиси веќе и ги нема особено во скопската општина Центар.

(А.С.)