За 100 години од раѓањето на великанот: Ученици читаа свои песни за Блаже Конески

310

„На завршениот конкурс од Фондацијата ‘Небрегово’ – ‘Поетски пораки за Конески’ пристигнаа голем број поетски творби од 176 учесници од многу градови и училишта. Верувам, меѓу овие автори се наоѓаат и некои наши идни големи поети. Од четирите основни училишта ‘Блаже Конески’ на конкурсот учествуваа: 33 ученици од Велес, 17 од Прилеп, 3 од Скудриње и 26 од Аеродром“, истакна Атанас Конески, секретарот на Фондацијата „Небрегово“, на настанот организиран денес во општината Аеродром, а кој е дел од одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески.

На настанот беа присутни по три учесници од овие училишта што ги читаа своите литературни творби. Сите нив, како и директорите од овие училишта и градоначалниците од овие општини, Фондацијата ги награди со значајната книга од Стаматоски „Македонски јазик: идентитет и континуитет“.

На настанот беше емитувана песната „Молитва“ во хорска изведба под диригенство на професорката Јасмина Беличанска од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје.

„Со оваа песна Конески им одговори на тие што го напаѓаа и на тие што молчејќи се согласуваа со нив, затоа што оваа песна и целокупното негово дело имаат трајни вредности за македонскиот јазик, идентитет и континуитет. Тоа го потврдува фактот дека многу од песните на Конески се обнародени и станале како народно житие“, додаде Атанас Конески.

Тој воедно истакна дека Конески и неговото дело се повеќе од реченото и напишаното, бидејќи засекогаш останува живиот спомен за него и неговата бесмртност. „Мислата на Конески дека ‘јазикот е единствената наша комплетна татковина’ е аманетот за сите генерации и со право е запишана во споменикот на Конески пред МАНУ, а искажана од него при промоцијата на книгата од Стаматоски ‘Борба за македонски литературен јазик’, на 29 март 1986 година. Јас ќе додадам македонскиот јазик е аксиома-непобитна вистина и не смее да се доведува во прашање неговиот опстој и неговата иднина“, посочи секретарот на Фондацијата.