За шест месеци во Македонија се реализираа шест нови странски инвестиции и над 2.000 нови вработувања. Од Владата велат дека се случува инвестициски бум во државата, а бројките покажуваат дека заклучно со третиот квартал, имаме 838 милиони евра директни странски инвестиции. Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски се пофали дека годинава ќе се надмине бариерата од една милијарда евра странски директни инвестиции.
– Заклучно со третиот квартал, имаме 838 милиони евра директни странски инвестиции. Тоа е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на тој период минатата година и е рекорд во изминативе дваесет години. Мандатот го започнавме со договори за странски инвестиции од над 650 милиони евра. Ќе продолжиме да работиме за раст на стандардот и за благосостојба на сите граѓани. За прв пат ќе ја пробиеме бариерата од една милијарда евра странски директни инвестиции на крајот од годината, со што ќе бидеме водечки во регионот, ако не водечки по глава на жител. Ценам дека кај инвеститорите се враќа довербата кон институциите – рече Мицкоски и додаде дека очекува дополнителен инвестициски бран по реализацијата на кредитот од 250 милиони евра за компаниите.
Од Владата информираат дека првата инвестиција на „Алказар енерџи“ за изградба на ветерници во општините Радовиш, Штип и Карбинци е во вредност од 500 милиони долари и значи 630 нови вработувања, а со инсталирањето 55 ветерници, со електрична енергија ќе се снабдат 100.000 граѓани.
Втората инвестиција на германско-белгиската „Епсотех аим“ е за изградба на развојноистражувачки центар, алерти центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец. Нејзината вредност е од 20 милиони евра и нови 110 вработувања.
Третата странска инвестиција е за производство на сопирачки за шински возила, на американскиот „Вебтек“, во вредност од 35 милиони евра. Со оваа инвестиција ќе се отворат повеќе од 100 нови вработувања, во Технолошко-индустриско развојната зона Скопје.
Четврта инвестиција, која ја донесе Владата во рок од шест месеци, е за производство на литиум-јонски батерии во Технолошко- индустриско развојната зона Скопје. Инвестицијата на германската компанија „BMZ Group“ е во вредност од 65 милиони евра и отвора дури нови 700 вработувања.
Петтата инвестиција, на компанија „Брејнчајд“ во зоната Жабени, е во вредност од 8,5 милиони евра, а ќе вработи околу 100 лица.
Шестата инвестиција, на „АД БАУ Интернационал“, која е дел од групацијата „ ДМ Бау“ – швајцарски производител на модуларни објекти, е во вредност од 7 милиони евра и отвора 200 нови вработувања.
Меѓу другото, потенцираат дека и, покрај лошата економска состојба што ја наследиле, како Влада, работат посветено и спроведуваат економски политики со кои привлекуваат нови странски инвестиции.
– Како Влада, воспоставуваме партнерски и деловен однос со странските и со домашните инвеститори, отвораме нови работни места и придонесуваме за подобрување на бизнис-климата и на животниот стандард на граѓаните. Владата работи посветено на забрзување на економскиот развој. Наш приоритет е стабилна македонска економија – соопштуваат од Владата.
Сепак, јавноста памети дека две од овие инвестиции се договорени во времето на владеење на претходната владина коалиција, СДСМ – ДУИ, која сега е во опозиција. Во една пригода, кога поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, потсети дека работел со месеци за да ги договори условите за инвестицијата на германската „БМЗ Груп“, Мицкоски му се заблагодари за заслугата.
Од опозицискиот СДСМ посочија дека инвестицијата на „Алказар енерџи“ е, исто така, договорена во неговиот мандат, а беше посочена и „Епсотех“, како инвестиција на „Вабтек“ договорена во неговиот мандат.