За шест месеци работа во Хрватска се заработува повеќе отколку за една година во Македонија

На пазарот на труд во Македонија има нешто повеќе од осум илјади слободни работни места, а само во Скопје се бараат 5.569 работници од различни профили. Има најмногу огласи за продавачи, градежни работници, келнери, магационери... Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, најчесто бараат работа лица од возрасната популација над 45 години, а некои речиси се и пред пензија. Младите не прифаќаат да бидат работно ангажирани за просечна плата од 22 илјади денари или, пак, за 30 илјади. Тие заминуваат на работа најчесто во Хрватска, како сезонски работници и, како што велат, за работа за шест месеци ќе заработат повеќе отколку да работат 12 месеци во Македонија

14826

На пазарот на труд, во моментов има нешто повеќе од осум илјади слободни работни места. Слободни се 8.233  работни места, а само во Скопје се бараат 5.569 работници од различни профили. Има огласи за продавачи, градежни работници, келнери, магационери, столари, молери, плочкари, готвачи, електричари, но и за службеници и економисти. Се бараат и лица за работа на бензински пумпи, медицински сестри и сметководители. По главниот град Скопје, има слободни работни места и во другите македонски градови, но најмногу во Тетово, Куманово, Прилеп, Битола и во Охрид.

Вака е статистички, но во реалноста, гледано од газдите на фирмите во Македонија, состојбата е сосема поинаква. Според нив, има сериозен недостиг на работна сила од сите видови профили на работници. Така, во моментов, домашните компании бараат работници од услужните и од угостителските услуги, а многу помалку од производството и од индустриските гранки. Работодавците го гледаат проблемот за тоа што се јавуваат многу малку лица на огласите за вработување во ниските плати, кои не се предизвик за младата работна сила, која сè почесто заминува на работа во странство.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат за весникот ВЕЧЕР дека сè почесто на огласите за вработување се пријавуваат постари работници и дека речиси нема интерес од помладата популација.

– Бараат работа лица од возрасната популација над 45 години, а некои речиси се и пред пензија. Поголемиот дел од нив најчесто се со намалена работна способност, главно се заинтересирани да си го дополнат стажот. Младите не прифаќаат да бидат работно ангажирани за просечна плата од 22 илјади денари или, пак, за 30 илјади. Тие заминуваат на работа најчесто во Хрватска, како сезонски работници и, како што велат, за работа за шест месеци ќе заработат повеќе отколку да работат 12 месеци во Македонија – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Според Димитров, дополнителен проблем е што во земјава најчесто се чека работа според дипломата што се поседува, многу од невработените лица не прифаќаат какво било работно место или, пак, преквалификација. Ама кога одат во странство, подготвени се да работат, таму не избираат. Тој очекува дека со влезот на Македонија во ЕУ-процесот, не само што нема да се стопира туку и ќе да се забрза одливот на младата, пред сè образована работна сила.

– Некои работодавци нудат одлични работни услови како што се платени превоз и храна, бонуси за работа на празници, недела, прекувремено, К-15, па дури и 13. плата. Но, и со вакви бенефиции, мал е одѕивот од младата продуктивна работна сила – вели Димитров.

Според официјалната статистика, во Македонија се невработени 101.510 лица, а околу 46 илјади бараат работа. Ова се најновите статистички податоци објавени од Агенцијата за вработување, а споредено со јуни, бројот на невработени благо се намалил, бидејќи во мај имало 102.523 невработени граѓани и дополнителни 46.664 што, исто така, бараат работа. Доколку се направи споредбата со првиот месец од годината, намалувањето е уште поголемо. Според статистиката на ДЗС, стапката на невработеност во земјава достигнала околу 14 отсто.

Статистиката вели дека од вкупно 101.510 невработени, повеќето се жени, односно 52.427. Но, она што е, исто така, забележано е што најголем број од невработените се без образование или со основно образование. Со завршено средно образование се пријавени 24.639 лица, а од нив 11.930 се жени.

И покрај тоа што фирмите постојано бараат стручен кадар, во моментов на листата на Агенцијата за вработување се 6.337 лица, од кои дури 4.131 се жени. Но, загрижува фактот што доктори на науки и магистри со години чекаат работа. На ова листа невработени лица се 551 магистер на науки, од кои 349 се жени. Невработени се и 13 жени доктори на наука и седуммина мажи.

Од Агенцијата за вработување велат дека на списокот со невработени има лица што и повеќе од седум-осум години чекаат работа. Најчесто овие лица или се без образование или едвај со осмо одделение, кои немаат желба да го надградат своето знаење и да добијат вработување. Во Македонија, работоспособни се 802.280 лица, а вработени се 693.063. Стапката на активно население е 54,9 отсто, на вработени е 47,2 отсто.

(В.Ма.)