За фрау Меркел веќе сме Северна Македонија, тоа кажува се!

54

За сите нас во Европа е добро да има важна разврска овде во однос на прашањето за Северна Македонија, но за тоа предуслов е храбриот пристап, рече германската канцеларка Ангела Меркел на вчерашната средба со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
– Ги констатираме храбрите напори од страна на Грција кон соседите во Западен Балкан, придонесот на Грција за да постои заеднички именител, конзистентност, и ова е поврзано со прашањето на Северна Македонија. Резултатот не е добар само за иднината на вашата соседна земја туку, според моето мислење, добро и за Грција и за сите нас во Европа да постои важна разврска овде, но за тоа предуслов е еден многу храбар пристап, рече Меркел.
Претседателот на Грција во изјавите на почетокот од средбата со германската канцеларка воопшто не го спомена Договорот од Преспа, ниту пак говореше за т.н. грчки национални прашања.
Германската канцеларка, пред вчерашната средба со Грчкиот претседател, во четвртокот вечерта, веднаш по пристигнувањето во Атина, оствари средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Вниманието на грчките медиуми по оваа средба го монополизираше ставот на германската канцеларка во однос на Договорот од Преспа, а се чини дека токму решението меѓу Македонија и Грција била една од главните теми на разговорите во премиерската палата во Атина. На прес-конференцијата по средбата со Ципрас, Меркел го користеше името Северна Македонија за нашата земја и рече дека Договорот од Преспа не носи придобивки само за Северна Македонија, која може да стане членка на НАТО и ЕУ, туку е во корист и на Грција и на цела Европа.
Грчкиот премиер од своја страна рече дека Договорот од Преспа може во иднина да биде модел за решавање на спорови. Германската канцеларка, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тврдењата на лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис за размена на договорот за името со пензиите, рече дека „не постои никаква врска меѓу активностите за прашањето за името и прашањето за економските реформи#.
Меркел, вчера од Атина порача дека од голем интерес за Германија е Грција, не само да остане член на Европската Унија, туку и да биде нејзина силна членка.
Во однос на проблемот со мигрантите, Меркел истакна дека Германија отсекогаш потенцирала дека Грција не може да биде оставена сама, бидејќи поради географската положба е „принудена да прифаќа толку многу луѓе#.
– Знаеме дека дури и денес ситуацијата на многу острови е многу тензична. Затоа, од германска страна ќе поддржиме заедничка бегалска политика и политика на азил на европско ниво, бидејќи веруваме дека секоја земја треба да придонесе во решавањето на овој проблем, објасни Меркел.