За годинава, од општинскиот буџет, со одлука на Советот, Општина Велес издвои најмногу досега – 3,5 милиони денари за новогодишно украсување на градските улици и на Младинскиот парк. Како што информираат од Општина Велес, во тие рамки, првпат со ЛЕД- светилки целосно се украсени стеблата на сите дрвца од кружниот тек „Авона“ во новиот дел на градот, па сè до центарот и надолу по улицата до градскиот саат. Целосно се осветлени со новогодишни ЛЕД-светилки и украсени главните велешки улици „8 Септември“ и „Благој Ѓорев“.
Со украсувањето, како и во изминатите години, целосно е опфатен Младинскиот парк, каде што е поставена нова светлосна елка и два големи подарока со ЛЕД-светилки и други светлосни украси.
Ќе биде монтирана и украсена со светилки старата градска елка, на нова локација, на крајот од дворот на велешката гимназија „Кочо Рацин“.
Во центарот на Велес, кај Народниот музеј и поранешната градска библиотека на главната улица што ги поврзува двете страни, е поставено ѕвездено небо, кое треба да биде пуштено овој петок.
Од Општина Велес велат дека и годинава, како и во изминатите години, нема да има организиран пречек на Нова година со програма на отворено, но затоа за од 27 до 30 декември се подготвува богата програма за сите граѓани, особено за децата и младите.
Во тие рамки ќе има продажен хуманитарен новогодишен базар, ќе има поставено и новогодишни куќарки со храна и со топли напивки, како и настап на музички групи и изведувачи, театарски претстави…