За увид во македонската кинематографија и отчет пред јавноста: Во “Златна рамка” – домашни филмови од претходната година

170

На првото издание на ревијалните денови на македонски филм “Златна рамка“ под мотото “Влези во наш филм“, викендов во МКЦ, ќе бидат прикажани вкупно 25 во три програмски целини – краткометражна, документарна, долгометражна и анимирана продукција од 2018 година. На иницијатива и во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија, ревијата се воспоставува со цел увид и приказ на реализираните македонски филмови во изминатата календарска година

Со цел увид и приказ на реализираните македонски филмови во изминатата календарска година, за прв пат ќе се воспостави и одржи филмската ревија “Златна рамка“, а на иницијатива и во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). На првото издание на ревијалните денови на македонски филм насловено “Златна рамка“, што од 22 до 24 февруари ќе се одржува во киното Фросина под мотото “Влези во наш филм#, ќе бидат прикажани вкупно 25 остварувања во три програмски целини. Домашната публика ќе има можност да ги погледне новите филмови од краткометражната, документарната, долгометражната и анимираната македонска продукција од 2018, а филмските професионалци ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа.

Инаку, “Златна рамка“, според организаторите, се создава поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е можност да се претстават пред македонската публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Покрај тоа, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма.

“ДФРМ ја воспостави ревијата бидејќи смета дека се она што е сработено треба да биде прикажано пред јавноста, но и пред тестот на фелата. Знаеме дека во минатото беа снимени многу македонски филмови, кои никој ги нема видено. Ова е увид на тоа што се снима, а е поддржано од Агенцијата за филм“, истакна уметничкиот координатор на “Златна рамка“, Ана Василевска, посочувајќи дека на ревијата ќе може да се види целата македонска филмска продукција од 2018, освен три остварувања кои од нивни причини решиле да не учествуваат. Меѓу нив се и “Татко“ на Светозар Ристовски и “Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи.

Ревијата ќе започне на 22 февруари со Свечено Собрание на ДФРМ (11.30 часот), по што ќе следува документарната програма (17 часот), краткометражната (19 часот), за во 21 часот да биде прикажан долгометражниот “Враќање“ во режија на Кастриот Абдили.

На вториот ден (23 февруари), пак, од 11:30 часот е предвидена презентација на МЕДИА деск Македонија со цел филмаџиите да можат да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, по што следува документарната и краткометражната програма (од 17, односно од 19 часот). Од 21 часот, пак, ќе се одржи Церемонијата на доделување почесни награди за филмските професионалци од ДФРМ – за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник.

Последниот ден на ревијата (24 февруари) ќе започне со тркалезната маса на тема: “Нема кинематографија без филмска критика“ (11:30 часот), следува документарната и краткометражната програма, која ќе се затвори со долгометражниот игран филм на Владимир Блажевски “Година на мајмунот“.

Сите проекции на ревијата ќе бидат бесплатни, а почнувајќи од годинава, предвидено е овој настан да биде редовна отчетна ревија на актуелната македонска кинематографија. (Н.И.Т.)