Од Секторот за бракови при Општина Дебар потврдуваат дека годинава е забележан раст на бројот на оние што го кажале судбоносното “да”.
– Во изминативе седум месеци од , регистрирани се 75 бракови, наспроти истиот период минатата година, кога имавме 48 бракови. Тоа, секако, е и поради фактот што добар дел од иселениците што престојуваат во родниот крај, се заколнуваат на вечна љубов тука, во нашата канцеларија, која функционира во општинската зграда – рече Афрдита Шахини од Секторот за бракови при Општина Дебар.
Според неа, поголемиот број се бракови на млади што живеат во некоја земја на ЕУ, главно во Италија, Швајцарија, Германија, а потекнуваат од Дебар.
– Кога зборуваме за браковите во Општина Дебар, мора да нагласиме дека жителите на селата Џепиште и Отишани имаат канцеларија на Управата за матична евиденција, каде што може да склучат брак. Таму се регистрирани девет брака оваа година, зашто младите од овие две села најчесто го прават тоа во Дебар – нагласува Шаини.
Поради масовната миграција, години по ред бројот на бракови ни оддалеку не може да се спореди со претходно. Ако пред повеќе од една деценија имаше околу 300 бракови годишно, сега во просек има по 100.