Опозицијата и власта освен во собраниската Комисија за финансирање и буџет, водат дебата за предлог-буџетот за 2025 година, се препукуваат и преку соопштенија во кои доминираат спротивставените ставови на двете партии. Според соопштенијата, ВМРО-ДПМНЕ настојува да ги оправда своите инвестиции како неопходни за развојот на земјата, додека СДСМ ги критикува како неодговорни и со фокус на непродуктивни трошоци.
Предлогот за буџетот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за 2025 година предвидува рекордни 50,5 милијарди денари за капитални инвестиции, што партијата го истакнува како доказ за нивната посветеност на економскиот развој и подобар животен стандард за граѓаните. Во овие средства се вклучени проекти како патната инфраструктура за коридорите 8 и 10д, изградба на нови експресни патишта, железници и други јавни објекти.
„Се фокусираме на капитални инвестиции кои ќе обезбедат нови работни места и ќе ја подобрат инфраструктурата низ земјата. Со овие инвестиции, ќе се реализираат крупни проекти, како што се патиштата и железниците, кои ќе придонесат за економска трансформација и подобар животен стандард за сите граѓани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И премиерот Христијан Мицкоски на обвинувањата на опозицијата дека нема нови инвестиции, туку само се довршуваат започнатите проекти.
-Тоа што го зборува опозицијата е неточно. Ние ги завршуваме веќе започнатите проекти на претходната власт, а потоа ќе почнеме со реализација на нови инвестициски проекти. Она што е започнато мора да се заврши, изјави Мицкоски.
Сепак, СДСМ ја критикува предложената сума и ги напаѓа владините политики како расипнички. Според опозицијата, наместо да се инвестира во клучни сектори како образование и здравство, Владата ги зголемува трошоците за луксузни предмети и службени возила.
„Буџетот на Владата предводена од Мицкоски е најрасипнички во историјата на Македонија. Наместо да ги подобри условите за работниците и граѓаните, власта ги зголемува трошоците за луксузни стоки како мебел и возила, додека ги намалува средствата за здравство и образование. Ова е класичен пример за расипничко владеење кое го зголемува јавниот долг и не прави ништо за граѓаните“, велат од СДСМ.
СДСМ ја истакнува и загриженоста за зголемениот јавен долг, кој ќе достигне историски највисоко ниво, според новите долгови што ќе се земат за финансирање на предложениот буџет. Опозицијата предупредува дека со вакви политики Владата на Мицкоски ќе ја задолжува државата, додека граѓаните ќе останат без подобрување на нивниот животен стандард.
„Владата на Мицкоски троши пари за луксуз, додека за граѓаните ќе има само сув леб. Тие ги зголемуваат трошоците за стоки и услуги и ја зголемуваат администрацијата, а граѓаните остануваат без покачување на платите и подобрени здравствени и образовни услови“, додаваат од опозицијата.