Тендерот за доставување понуди за третата фаза од железничката пруга кон Бугарија (од Крива Паланка до границата со Бугарија) заврши вчера. Според новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, спорно е што целата постапка има временски опфат од пред изборите, но и зголемена вредност од 340 милиони евра на 560 милиони евра со што километар автопат ќе чини 24 милиони евра.
Рече дека претходната влада во предизборен период ја распишала тендерска постапка и веројатно рокот го темпирала така да заврши вчера, само три дена од конституирањето на новата влада и тој како нов министер не може да направи ништо за евентуално поништување,
– Согласно Законот за јавни набавки, јавните набавки може да се поништуваат до денот на поднесување понуди, а согласно законите немам право да ставам потпис. И да сакам не можам да го поништам овој повик и што е и перверзијата во повикот, затоа што е планирано да заврши во период кога очекувале или не, да не е формирана владата затоа што согласно роковите до денес беше рокот мандатарот да го достави составот во Собрание – појасни Николоски.
Тој сепак, нагласи дека е сигурен оти со МЖ – Инфаструктура и меѓународните кредитори заеднички ќе најдат начин целата оваа работа да се ревидира.
– Имајќи предвид дека следи процес на евалуација и треба да се види кој се конкурирал, сигурен сум дека одговорно ќе се однесуваат сите вклучени страни во проектот и ЈП МЖ – Инфаструктура и меѓународните кредитори сигурен сум дека заеднички ќе најдеме начин целата оваа работа да се ревидира – рече Николоски.
Проценетата вредност на третата фаза е 340 милиони евра и како што беше нотирано во извештајот на Државниот завод за ревизија, до денот на ревизијата вредноста е зголемена и изнесува 560 милиони евра што е зголемување од 220 милиони.
– Се работи за најскапа пруга – изградба на 23,4 километри железница што доколку пресметате ќе добиете дека еден километар чини 24 милиони евра што е најскап километар каде било во светот – истакна новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, појаснувајќи ги наводите до кои дошле ревизорите.
Тој рече дека железничката пруга треба да минува низ градот Крива Паланка и на трасата треба да се урнат десетици или стотици куќи, а делницата ќе заврши со тунел кој нема крај затоа што, според Николоски, согласно проектот може да градите само на сопствена територија.
– Целата постапка се одвивала во предизборен и постизборен период. Јавноста треба да знае дека пругата треба да помине среде Крива Паланка и треба да се рушат десетици или можеби стотици куќи и да се иселува население и најбитното, завршува во тунел којшто нема крај. Затоа што, според проектот и според законите, предвидено е поврзувањето да оди преку тунел, кој може да се изгради само до границата. Во услови кога Бугарија нема ниту проект за железничко поврзување со Македонија и воопшто е прашање дали би го проектирале на овој начин. Дали двата тунела ќе се поврзат? Што доколку на другата страна има вода или подземно езеро или какви било други пречки – праша Николоски на прес-конференција.
Рече дека нема да толерира неодговорност, криминал и корупција и ќе реагира на сите работи кои ќе ги забележи.
– Сметам дека е неодговорно е без никаква анализа Македонија да потроши 560 милиони евра без разлика што дел од нив се грант за пруга која треба да уништи цел град и завршува во тунел кој не води никаде – рече Николоски.
Тој апелираше да се разговара со поддржувачите на овој проект – ЈП МЖ – Инфраструктура и меѓународните кредитори и оние кои даваат грантови да се разгледаат заедно сите детали од проектот, и да се најде решение кое сигурно ќе може да се реализира.
– Дали е ова начин и дали вреди вака да се трошат народните пари – праша Николоски и побара од државниот јавен обвинител да го испита работењето на МЖ – Инфраструктура, да го земе извештајот на ДЗР и да постапи по него како негова законска обврска, бидејќи во спротивно ќе побара средба со него за да му објасни зошто не постапува по наводите од ДЗР.
(С.Бл.)