За пречек на Нова година во Дубаи, Македонците се спремни да платат и до 2.000 евра

Најголем интерес за пречек на Нова година има за земјите во соседството, но има и такви кои се подготвени да платат и до 2.000 евра за некоја подалечна дестинација. Од туристичките агенции, за весникот ВЕЧЕР, велат дека најголем е интересот за бањите во Србија и речиси сите места се пополнети, но има интерес и за Грција, Црна Гора, Будва, Котор, Белград, Загреб... Но, има и такви кои ќе одат за Дубаи и ќе платат 2.000 евра за четири ноќи

1171

Голем интерес на Македонците за пречек на Нова година надвор од државата. Од туристичките агенции за весникот ВЕЧЕР, велат дека аранжманите за соседните земји се речиси пополнети, а има цени за сечии џеб. Најголем интерес има за бањите во Србија, но голем е интересот и за Грција, Црна Гора, Будва, Котор, Белград, Загреб…Од подалечните дестинации Македонците најчесто ги избираат Истанбул, Малта, Рим, Париз… Цените се движат од 150 до 2.000 евра во зависност од дестинацијата, хотелот, времето на престој…

-Има голем интерес за новогодишните аранжмани, а за некои дестинации веќе се распродадени. Ние во понудата ги имаме бањите во Србија, Грција, Загреб, Љубљана, Истанбул, Италија… Интерес има и за островот Евија, во Грција, за Италија каде што прославата е на плоштадот во Падова, а во пакет-аранжманот има разгледување на Венеција, Верона, Фиренца… Цената на пакет-аранжманот за Италија е 189 евра по лице, а во неа се вклучени две ноќевања и прошетка низ повеќе градови, доплата само за прошетка во Верона. За Пролом Бања во Србија аранжманите се целосно распродадени, а цената за три ноќевања со вклучени две свечени вечери на 31 и 1 јануари е 329 евра по лице. За Евиа цената со организиран пречек во хотел и три ноќевања е 239 евра по лице, изјави за весникот ВЕЧЕР, тур-оператоката Марија Вељановска.

И од другите туристички агенции потврдуваат дека интересот за прослава на Нова година надвор од државата годинава е многу голем, а доказ за тоа се веќе распродадените новогодишни аранжмани за некои од поблиските дестинации.

-Цените се најразлични и има за сечии џеб и за оние кои сакаат луксуз, но има и многу економични понуди. И покрај тоа што пансионските и вонпансионските услуги се малку покачени во однос на лани, сепак постои голем интерес да се прошета за Нова година. Генерално се движат од 150 до 2.000 евра во зависност од дестинацијата, хотелот, времето на престој… Најбарани се тие што се со најниски цени, но голем дел од нив се веќе распродадени. Имаме понуди за Будва, Котор, Херцег Нови, Белград, Загреб… Од европските дестинации во понудата ги имаме Будимпешта, Виена, Атина, Рим, Париз, Малта, Истанбул…, изјави за ВЕЧЕР, Никола Митревски, од туристичка агенција.

За Малта како што вели Митревски веќе прават трета група, а за Истанбул веќе има 4-5 авионски групи и 20 автобуски агенции, кои имаат програми за овој град. Обично граѓаните ги избираат поблиските дестинации кои се и поевтини. Но, има и такви кои ќе одат за Дубаи и ќе платат 2.000 евра за четири ноќи.

Од агенциите велат дека годинава има многу слаб интерес за пречек и за зимување во Бугарија. Годинава голем интерес има и за Малта каде цената за четири ноќевања со авионски превоз е 369 евра. Во аранжманот се вклучени 3-4 екскурзии. За Истанбул, кој и годинава е меѓу најбараните дестинации за пречек на Нова година цената по лице за три ноќевања со автобус е мошме поволна и изнесува 159 евра.

Освен надвор од државата, дел од Македонците Новата година ќе ја прослават во хотелите на Охридско-струшката ривиера. Од Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ велат дека околу 70 отсто од хотелските капацитети се очекува да бидат исполнети за новогодишните празници. За разлика од хотелите, исполнетоста во помалите сместувачки капацитети, станови и апартмани традиционално е поголема.

-Најбројни гости на охридското крајбрежје се очекува да бидат Бугарите, потоа Турците, но нема да изостанат ниту посетителите од околните земји. Голема исполнетост се очекува и за католички Божиќ, кога традиционално најбројни се гостите од Грција. Некои хотели ќе работат само со ноќевање без организирани пречеци и таму исполнетоста можеби ќе е помала, за разлика од хотелите кои организираат пречек на новогодишната ноќ, каде што исполнетоста е целосна, информира претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески.

Според него, интерес има и кај домашните гости, но тие најчесто бараат сместување во хотелите, а одат на организиран пречек во ресторани.

– Домашните гости да не заборават дека со посетата на туристичките центри во Македонија се помага економијата на државата, а со тоа и самите си помагаат. Така ќе се изградат патишта, болници, училишта, а ќе се реализираат и други инфраструктурни проекти, истакна Блажески, нагласувајќи дека постојано инвестираат во модернизација на хотелите и овозможување подобри услови за гостите.

(А.С.)