Организаторите на турнирот во сквош во Шпанија се најдоа на удар од страна на јавноста, откако на најдобропласираните натпреварувачки им доделија награда вибратор, восок за депилација и комплет за отстранување на жуљеви на петата.

Сите наградени, вклучувајќи ја и победничката на турнирот, Елизабет Садо, ги вратиле трофеите и наградите, наведувајќи дека се шокирани од подароците.

Тие исто така испратиле и писмо до Шпанската сквош федерација и во пакет ги спакувале наградите кои ги добиле во Овиедо.

  • Мислам дека сакаа да бидат забавни или поразлични од другите. Сепак, тоа е многу сексистички потег и само сакаме на сите да им објасниме за што се работи. Постои сериозна дискриминација на жените во спортот и тоа мора да се промени, истакна Садо за „Би-Би-Си“.

Организаторите на турнирот за ваквиот потег веднаш се извиниле, наведувајќи дека „жалат поради овој неприфатлив инцидент“.

-Целиот тим уште еднаш им се извинува на натпреварувачките, Федерацијата и сите кои се најдоа погодени поради несоодветните подароци кои никогаш не смееја да бидат поделени, наведоа организаторите, Начо Манзано и Барбара Фернандез.