Државните ревизори утврдиле неправилности при уплата на надоместокот од регистрација на моторни возила и пловни објекти кој претставува еколошки надоместок кој се наплатува при регистрација на моторни возила и пловни објекти од страна на станиците за технички преглед и регистрација на возилата.
– На сметката на основен буџет на Министерството во текот на 2022 година по овој основ се остварени средства во висина од околу 248 милиони денари. Со извршениот увид во начинот на водење на евиденцијата и наплатата на надоместокот по овие основи утврдено е отсуство на уплата на надоместокот при регистрација на пловните објекти, потреба од воспоставување единствен систем за следење на овој приход кој ќе овозможи одговорните лица во Министерството да имаат увид во наплатените средства од страна на Министерството за внатрешни работи и правните лица кои вршат технички преглед – се наведува во извештајот на ревозорите.
Ненавремена и нецелосна наплата, ревизорите исто така утврдиле и во наплатата на надоместоците за поседување на А и Б интегрирани еколошки дозволи.
– Со не издавање/ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана еколошка дозвола се остварени помалку приходи во буџетот на Министерството по овој основ во вкупен износ од приближно 3 милиони денари, односно околу 48 илјади евра. По преземени мерки и активности за наплата и пет правни субјекти извршиле уплата на средства во износ од 1 милион денари, односно 16 илјади евра на сметката на Министерството – соопштуваат од Државниот завод за ревизија.
Од вкупно регистрирани 111 активни корисници на А и Б интегрирана дозвола за 2021 година (98 корисници на А интегрирани инсталации и 13 корисници на Б интегрирани инсталации) од страна на 18 корисници не е доставен годишен извештај за поседување на интегрираната дозвола.
– За 17 субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи и се евидентирани во Регистарот, од 2018 година не се издадени решенија за годишен надоместок за поседување на А – интегрирана еколошка дозвола. Исто така, евидентирани се ненаплатени побарувања од минати години во износ од 9 милиони денари по основ на поседување на интегрирана еколошка дозвола од кои 5 милиони денари или 53,4% се постари од три години, за кои на ревизијата не и беа доставени докази за навремено и целосно утужување, односно покренување на постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола и со тоа го оштетуваат буџетот на Министерството – велат од Заводот.
Неправилности со извршената ревизија се констатирани и во евиденцијата и наплатата на надоместокот за биоразградливи кеси, не целосен извршен попис на средствата, побарувањата и обврските, не се евидентирани дел од деловните објекти кои ги користи Министерството, како и неправилности во дел од јавните набавки, за кои се дадени препораки во насока на преземање на мерки и активности за нивно надминување.