За октомври, ноември и декември граѓаните ќе добијат поврат на ДДВ од околу 3,9 милиони евра

601

Почнува исплатата за октомври, ноември и декември лани

Н На граѓаните кои скенираат сметки ќе им се вратат околу 3,9  милиони евра

На 197.819 граѓани кои скенирале фискални сметки ќе им бидат вратени 238.075.865 денари или близу 3,9 милиони евра од платениот ДДВ за периодот октомври, ноември и декември лани, за што исплатата е во тек. Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, вели дека расте бројот на граѓани кои ги скенираат сметките, а истовремено се зголемува и наплатата на ДДВ. Министерката за финансии Нина Ангеловска, пак, оценува дека како и мерката МојДДВ, одлични резултати дава и наградната игра „МојаНаграда“

Лукаревска информира дека за седум месеци од примената на мерката МојДДВ, од 1 јули 2019 година до крајот на минатиот месец,апликацијата за скенирање фискални сметки ја презеле 236.442 граѓани, кои скенирале 66.885.228.000 фискални сметки со вкупен промет од 32.456.740.434 денари и вкупен ДДВ од 3.512.292.634 денари, при што повратот на 15 отсто ДДВ изнесува  526.843.896 денари, односно 8,567 милиони евра. До 31 декември 2019 година исплатени се пари на 147.251 граѓанин во вкупен износ 157.780.662 денари, а уште е во тек исплатата за првото тримесечје за оние кои имале грешки и направиле корекција на своите  трансакциски сметки.

-Наплата на ДДВ е остварена во износ од 52 милијарди денари во 2019 година, што е за 5,7 проценти над од остварениот износ во 2018 година кога наплата на ДДВ изнесува 49 милијарди денари. По воведувањето на МојДДВ, споредено со месеците јули-декември 2019 година со периодот јули-декември 2018 година, покажува зголемување во просек за 11,2 проценти, рече Лукаревска.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, пак, информира дека најмногу фискални сметки се скенирани во јануари, над 15 милиони, при што наплатениот ДДВ од нив е за над 70 отсто повисок во однос на просекот од претходните пет месеци. Целокупната наплатата на ДДВ овој јануари е зголемена за 6,2 отсто споредено со јануари минатата година. Оценувајќи дека наградната игра дава одлични резултати Ангеловска посочува дека во декември и јануари се регистрирани  50 илјади нови корисници на апликацијата.

– Граѓаните кои скенираат сметки имаат трикратна корист – добиваат поврат, добиваат награди и помагаат во борбата против сивата економија, со што во иднина и ќе добијат подобри јавни услуги, рече Ангеловска.