Илјадници луѓе донираа за одбраната на Луиџи Манџоне, кој е обвинет за убиство на директорот на американско здравствено осигурување „Хелткеар“, Брајан Томпсон. Манџоне добива и пораки за поддршка, а има и такви поддржувачи кои дури и го слават неговото злосторство, додека многумина го осудуваат.
Во Њујорк се појавија плакати со лица на различни директори со натпис „Се бара“. Веб-страници продаваат предмети со ликот на Манџоне, вклучувајќи капи на кои пишува „Ловец на директори“ над цел за гаѓање. Повеќето од пораките на платформата за прибирање средства ГивСендГоу ја одразуваат длабоката фрустрација на многу Американци од американскиот здравствен систем, во кој некои третмани и надоместоци може да им бидат одбиени на пациентите во зависност од тоа што покрива нивното осигурување. Постои и незадоволство од растечката нееднаквост во приходите и се повисоките плати на извршните директори. Само на таа платформа до средата се собрани 31.000 долари за Манџоне.
Манџоне е притворен во Пенсилванија под обвинение за нелегално поседување оружје и фалсификување документи, додека обвинителите во Њујорк бараат негова екстрадиција. Неговиот адвокат рече дека има намера да се изјасни за невин по обвиненијата во Пенсилванија.
Американците плаќаат повеќе за здравствена заштита од жителите на која било друга земја, а податоците покажуваат дека трошоците за премии за осигурување, како и цените на фармацевтските и болничките услуги се зголемени во изминатите пет години.