За неколку часа 30 интервенции на Брзата помош!

45

Зголемен е бројот на повици во Службата за Итна медицинска помош во Скопје, а екипите од изутрината, досега, интервенираа кај 30 случаи. Граѓаните кои бараат помош не се чувствуваат добро поради топлото време и имаат главоболки, болка во градите, зголемен крвен притисок… Ова за МИА го изјави раководителката на Службата за Итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало.

– Има мозочи удари, сообраќајни несреќи и хроничните состојби се активираат. Хронично болните треба редовно да ја пијат терапијата и да одат на контрола на доктор. Телефоните во Службата за Итна медицинска помош постојано звонат. Здравствени совети граѓаните можат да побараат на линијата 02 15123 на „Ало докторе“ или на матичен доктор и да не ја оптоваруваат линијата 194 со работи кои не се итни, додаде Бубало.

Поради високите температури во портокалова фаза од Министерството за здравство потсетија и на општите мерки за заштита на здравјето, односно во текот на овие екстремно топли денови, граѓаните треба да останат повеќе време во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари, стои во препораките.