Американски свештеник го предизвика бесот на јавноста откако минатата недела им забрани на политичарите кои го поддржуваат правото на абортус да се причестат во неговата црква.

Во објавата на католичкиот свештеник од Род Ајленд Ричард Бучи (72) стои дека на наведените луѓе ќе им биде забрането да бидат кумови на свадби или крштевки.

Потоа ја шокираше јавноста со изјавите за педофилијата и абортусот, пишува Гардијан.

-Абортусот е полош од педофилијата. Педофилијата не убива никого, а абортусот убива. Повеќе деца се убиени со абортус отколку што биле жртви на педофилија, изјави Бучи.

Демократската пратеничка од Род Ајленд, Керол Хаган Мекенти остро реагираше на оваа изјава на свештеникот.

-Апсурдно е да се зборува дека педофилијата никого не убива. Очигледно е дека овој свештеник не разбира што зборува. Педофилот на жртвите им го грабнува детството и душата. Му препорачувам да се сретне со жртвите и да ги сослуша нивните сведоштва, порача таа.