За наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година, конкурираат 56 ракописи. Годинешниов шести конкурс, кој е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, беше отворен до 1 јули 2024 година.

„Пегаз“ е производ на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.

Инаку, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, сочинета од двајца еминентни претставници од културната сфера и претставник од издавачката куќа „Арс Ламина“. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2024 година.

Минатата година од пристигнатите 36 ракописи, за победнички беше избран романот „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова.

Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се и романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо (2022).

Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура.