Данокот на добивка ќе се намали од 10 на 5 проценти за компаниите што остваруваат добивка од над 50 милиони евра годишно. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, потврди дека тоа е една од мерките што ги најави новата Влада. На тој начин, смета министерот, ќе му се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата.

Ова во јули го најави и премиерот Христијан Мицкоски, кој смета дека со намалувањето ќе почнат да влегуваат повеќе пари по таа основа во буџетот. Во изминатата година, само пет фирми имале добивка поголема од 50 милиони евра: „Џонсон Мети“, трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка и Јавното претпријатие за државни патишта.

– Прв чекор кон намалување на даноците ќе биде оној данок на добивка што се плаќа сега. Сите мултинационални компании што планираат да ја консолидираат својата добивка овде, кај нас, и таа добивка изнесува над 50 милиони евра, ќе добијат, би рекол, субвенција и начинот на пресметка на таа добивка ќе биде до 5 проценти. Ако сега е фиксно до 10 проценти, во овој случај ќе биде до 5 проценти. Затоа ги повикувам сите македонски компании што соработуваат со светски мултинационални компании, да ги повикаат во Македонија и веднаш откако ќе биде изгласано ова, да може да го консолидираат бизнисот тука – изјави Мицкоски.

Поранешниот министер за правда од опозициската Алијанса за Албанците, Кренар Лога, коментира дека со ова ќе бидат наградени олигарсите.

– Олигарсите на Македонија ќе бидат наградени за поддршката што ѝ ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори, со ветување дека ќе ја вратат државата за нив (деалбанизација). Ќе се намали данокот на добивка од 10 на 5% за компаниите со годишен профит над 50 милиони евра, со цел да се стимулира бизнисот, рече министерот за економија од Вреди, кој им служи на политиките на ВМРО. Корупција што ќе се легализира со закон – стои во неговата објава на Фејсбук.