На работодавците им остана уште еден месец на своите вработени да им исплатат К -15 за оваа година, за да избегнат санкции.
Дел од работниците овој регрес за годишен одмор кој годинава е околу 11.500 денари го добија уште на почетокот на сезоната за одмори, некои подоцна, а голем дел сè уште го чекаат.
Право на К-15 имаат сите вработени во приватниот и во дел од јавниот сектор кои кај ист работодавец работеле најмалку шест месеци во календарската година. Од ССМ ги потсетија работодавците дека годинава имаат простор без да бидат оданочени да исплатат и поголема сума од оние 40 проценти од трите последни просечни исплатени на ниво на држава, кои со колективен договор се предвидени како минимум.
Најзагрижени за тоа дали ќе ги добијат овие пари се текстилните работнички кои се и меѓу најслабо платените во државата. Според Кристина Ампева, од невладината организација „Гласен текстилец“, поголемиот дел од вработените во овој сектор сè уште не го добиле регресот, а работодавците обично практикуваат да им го исплатуваат пред самиот крај на рокот – 31 декември.
-Се уште нема поплаки кај нас, затоа што во најголемиот дел од текстилниот сектор регресот не е ни исплатен. Некаде пак, е договорено работниците да добијат помалку од минимално утврдената сума, вели Ампева за весникот ВЕЧЕР.
Од Организацијата на работодавци, пак, посочија дека и покрај тоа што има фирми кои работат со загуби, К-15 ќе се исплати до крајот на годинава.
-Има многу текстилни компании кои иако работеа со загуби, ќе го исполнат ова законско право. Но, има и такви, кај кои не се работи за загуби, туку воопшто немаат пари и тоа се фирми од разни сектори. Тие се главно млади бизниси и оние кои се втори или трети во ланецот на бизнисот. Во тие компании да се седне да се разговара со синдикалните претставници, или пак ако нема синдикат да се разговара со претставници на работниците и да се најде спогодбено решение, изјави за медиумите Ангел Димитров од ОРМ.
Од ССМ потсетуваат дека регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците, во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавците – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавците целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.
-На работниците на кои нема да им биде исплатен, им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку мобилната апликација на ССМ – Мои работнички права, за да можеме да интервенираме до Државниот пазарен инспекторат или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права, велат од ССМ и потсетуваат дека за работодавачи кои не исплаќаат К-15, или бараат од работникот да им го врати, законот предвидува и затворска казна до една година.
Од лани право на К-15 имаат и над 20.000 вработени во јавната управа и правосудството. Ланскиот К-15 тие не го добија, а исплатата на годинешниот беше прекината поради изборите, па сега треба да продолжи. ССМ уште пред неколку месеци до Владата достави текст на Општ колективен договор за сите административци во државата, во кој покрај другото, има и регрес во висина од 30 до 100 проценти од основицата за сите вработени и во јавниот сектор. Од Синдикатот информираа дека од Владата добиле позитивни сигнали во врска со овој колективен договор, но тој сè уште не е ставен на дневни ред. Токму за потпишување на овој колективен договор, заедно со усвојување на законите за недела неработен ден, донесување нов закон за работни односи и на уште неколку други најавени подобрувања на работничките права, ССМ се закани со генерален штрајк ако не се реализираат во рок од 30 дена.
(С.В.)