Автопатот Миладиновци-Штип би бил за 49 милиони евра поевтин, доколку изведувачот „Синохидро“ би бил избран на тендер, наместо оваа капитална зделка да ја добие се договор во четири очи, тврди директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Имено, работата на оваа делница, како и на автопатот Кичево-Охрид, кинески „Синохидро“ ја доби со потпишување договор, кој е одобрен и од Собранието. „Синохидро“ во моментов работи и на изведбата на патот Крупиште-Кочани, што е дел од експресниот пат Штип-Кочани, но таму работата ја доби на тендер, на кој понуди најниски цени и најдобри услови. Разликата, поточно потенцијалната заштеда од 49 милиони евра во ЈПДП ја откриваат споредувајќи ги цените што за исти позиции Синохидро ги дал во договорот за Миладиновци-Штип и на тендерот за Крупиште-Кочани.
Така, во договорот за изградба на Миладиновци-Штип цената за вградување еден кубен метар тампон е 2.201 денар, а за истата работа на патот Крупиште-Кочани на тендер е утвердедна четири пати пониска цена, или 572,73 денари за кубен метар. На Миладионовци-Штип за еден центиметар долен асфалтен слој „Синохидро“ наплатува 106,97 денари, а на Крупиште-Кочани речиси двојно помалку, или 54,78 денари за центиметар.
Има разлика во цените и за горниот асфалтен слој кој на патот Миладиновци-Штип се поставува за 184,5 денари, а на Крупиште-Кочани за 70,30 денари. Уште едне пример за разлики во центар за изведба на исти позиции е арматурата од која на автопатот Миладиновци-Штип килограм се наплатува 92,25 денари, а на Крупиште-Кочани двојно помалку, односно 43,53 денари.