Земјоделците ќе можат да се консултираат со стручни лица во областа на земјоделството и руралниот развој за сите текови во својата работа. Ова ќе биде овозможено со новиот Закон за советодавен систем во земјоделството и руралниот развој, усвоен и подготвен од Владата. Како што соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ова законско решение се создава можност за професионализација на советодавните услуги и се воспоставува систем преку кој ќе им се доближат на земјоделците искуствата и знаењето за најновите практики и технологии во производството, кои директно треба да влијаат на создавање одржливо и конкурентно производство, по европски терк.

– Законот за советодавни услуги во земјоделството и руралниот развој има цел да создаде ефективен и структуриран систем за обезбедување квалитетни совети и информации за нашите земјоделци – велат од Министерството и нагласуваат дека посебна и важна цел на ова предлог законско решение е структурално и организациско подобрување на постојниот концепт во земјава.

Со ова решение, Министерството ќе воспостави регистар на даватели на советодавни услуги, кој ќе биде јавно достапен за сите земјоделски стопанства за да им се олесни пристапот до советник со специфична стручност за одредена област, во зависност од типот на производство.

– Законот дава основа за формирање на системот за знаење и иновации во земјоделството, познат како АКИС, кој во моментов е главна стратешка област за развој во Европската Унија и го следиме чекорот во воспоставувањето на овој систем, кој, слободно можам да кажам, први ќе го имаме во регионот – наведуваат од Министерството за земјоделство.

Тие нагласуваат дека функционирањето на советодавниот систем во земјоделството и руралниот развој ќе биде надгледуван и помаган од Советот за мониторинг и координација, кој ќе биде составен од експертска група составена од членови номинирани од над 20 институции и организации што се идентификувани како клучен дел од системот.

На законското решение, наведуваат од МЗШВ, се работело транспарентно и инклузивно во изминативе две години.