Примената на најновите меѓународни сметководствени стандарди е од особена важност за домашната економија и значајно ќе го унапреди квалитетот и транспарентноста на финансиското известување. Неопходен е засилен ангажман и посветеност од сите засегнати страни, следење на потребите на стопанството и координација со надлежните институции за да може процесот на имплементација на меѓународните сметководствени стандарди да биде успешен.

Ова се клучните поенти од состанокот во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), посветен на процесот на имплементација на најновите Меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ) во нашата земја.

На состанокот во организација на ИСОС, на кој се дискутираше за влијанието на меѓународните сметководствени стандарди врз работата во различни стопански гранки, како и на постоечката законска регулатива, присуствуваа претставници на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Македонската банкарска асоцијација, Народната банка, Државниот завод за ревизија, како и претставници на сметководствените бироа и лиценцираните правни лица за вршење обуки за континуирано професионално усовршување.

Присутните претставници на засегнатите страни го поздравија процесот на консултации што го започна ИСОС, а е во насока на мапирање на евентуалните предизвици кои би можеле да настанат во текот на претстојната имплементација на стандардите. Потенцирано беше дека е неопходно редовно институционално следење на оваа тема, со цел да се направат соодветни прилагодувања во регулативата кои ќе овозможат ефикасна примена на стандардите.

– Тргнувајќи од својата заложба за имплементација на најновите меѓународни сметководствени стандарди во нашата земја, ИСОС, уште во текот на минатата година, ја исполни законската обврска и изврши превод на најновите стандарди, процес кој беше одложуван од 2009-та година. За да се овозможи и олесни процесот на нивна имплементација, во консултација со Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, го организиравме овој консултативен процес преку кој сите засегнати страни можеа да ги искажат своите ставови и предлози, кои откако ќе бидат систематизирани ќе бидат доставени до надлежните институции. Убедени сме дека со засилен ангажман и посветеност на сите засегнати страни, вклучително на институциите, бизнис заедницата, академската заедница и сметководителите, ќе успееме да ги надминеме сите потенцијални предизвици во овој процес – истакна Весна Прентоска, претседател на ИСОС.

Претседателката на ИСОС нагласи дека Институтот, во рамки на своите законски надлежности, е подготвен и понатаму да обезбедува помош и поддршка на сите заинтересирани субјекти за ефикасна примена на МСФИ. Во овој процес ИСОС ќе ја искористи соработката што ја остварува со регионалните и меѓународните институции во оваа област, како и нивните позитивни искуства и практики.

Инаку, актуелните сметководствени стандарди кои се применуваат во нашата земја датираат од 2009-та година со што сме единствените во регионот и пошироко каде сѐ уште не се применуваат најновите МСФИ.

Со усвојувањето на новиот Закон за вршење на сметководствени работи од 2022 година, ИСОС имаше обврска да го спроведе процесот на превод на над 2000 страници од најновите меѓународни сметководствени стандарди, кои на почетокот на оваа година беа одобрени од Фондацијата за меѓународни стандарди за финансиско известување (ИФРС), по што на 3 април 2024 година Министерството за финансии ги објави во Службен весник на РСМ. Со тоа се отвори патот за нивна официјална примена во нашата земја, која согласно Законот треба да започне од 1 јануари 2025.