Во Македонија минатата недела од ковид се починати три лица, а активни на вирусот во моментов се 148 лица. Последната неделна анализа на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се однесува за периодот од 23 до 29 јануари, а лицата што ја изгубиле битката со вирусот се од Скопје, Ресен и Куманово на возраст од 58-89 години. Сите починале во болнички услови и имале коморбидитети.
Во истиот период регистрирани 104 случаи на ковид-19, што пак е за 20 отсто помалку во однос на претходно анализираната недела, а како оздравени се водат 121 лице. Како што велат од ИЈЗ, најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје и тоа 54 лица, што е 51,9% во однос на сите инфицирани.
-Највисока инциденца е регистрирана во Берово, Македонска Каменица и Гевгелија, а има заболени лица во сите возрасни групи, освен во возрасната група од 0-9 години каде што во изминатата недела не е регистрирано ниту едно заболено лице, а најголем број случаи се пријавени во возрасната група над 60 години. Се забележува намалување кај сите возрасни групи со најголемо намалување кај возрасната група од 30 до 39 години – анализираат од Институтот.
Во текот на минатата недела се пријавени 34 реинфекции, за 8,1% помалку во однос на претходната недела, кога повторно 37 лица заболеле од вирусот. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 37 лица (идентично во споредба со претходната недела), од нив 13 се на кислородна поддршка (еден помалку во споредба со претходната недела) и нема пациенти на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Што се однесува за имунизацијата заклучно со 29 јануари годинава во Македонија вакцинирани се вкупно 876.016 лица со барем една доза, а комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 857.110 лица.
-Со една доза на вакцина коронавирусот во државата и странство, вакцинирани се 59,7% од населението над 18-годишна возраст, односно 55,2% од население над 12-годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,7%. Опфатот со две дози на вакцина кај населението над 18-годишна возраст изнесува 58,4%, односно 54,0% кај население над 12-годишна возраст -информираат од ИЈЗ и дополнуваат дека со две дози опфатот кај вкупното население изнесува 46,7%.
Со трета доза опфатеноста кај населението над 18 годишна возраст изнесува 11,1%, додека кај населението над 12 годишна возраст е 10,3%.
-Опфатот со трета доза на вкупното население изнесува 8,9%. Со четврта доза се вакцинирани вкупно 0,59% од населението над 18-годишна возраст, односно 0,54% од населението над 12-годишна возраст, а опфатот кај вкупното население изнесува 0,47%-дополнуваат од ИЈЗ.
(В.Ма.)